Најмалку четири лица загинаа, а 13 се повредени во новите руски воздушни напади врз Киев и околината, соопштија украинските власти. Нападите се случиле во раните утрински часови, а според украинскиот претседател Володимир Зеленски, во нив биле користени беспилотни летала и балистички ракети.
Во нападот е оштетена станбена и друга цивилна инфраструктура. Во Бориспиљ била погодена петкатна зграда, поради што околу 50 лица биле евакуирани. Погодени биле и неколку претпријатија, додека спасувачките и другите надлежни служби интервенирале на терен.
„Има уништување на станбена и цивилна инфраструктура. Во Бориспиљ, оштетена е петкатна зграда. Педесет лица се евакуирани. Потребните служби се на лице место. Имаше и напади врз претпријатија. Вкупно четири лица загинаа, а 13 се повредени во градот“, објави Зеленски.
Нападите продолжиле и во Одеса и регионот. Началникот на Киевската регионална воена администрација Тимур Ткаченко соопшти дека Киевскиот регион бил цел на масовен напад со руски ракети и беспилотни летала.
Украинската државна служба за вонредни ситуации соопшти дека во регионот Одеса биле погодени станбени, енергетски и пристанишни објекти. Во Запорожје, пак, дрон нападнал противпожарно и спасувачко возило. Четворица спасувачи биле повредени и пренесени во болница, со повреди со различна тежина.
Најновиот напад доаѓа шести ден по ред на континуирани руски воздушни напади врз Киев и околината, што дополнително го нарушува секојдневниот живот на милиони жители и повторно ја зголемува опасноста за цивилното население.