Народниот правобранител со порака за почетокот на учебната година: „Ниедно дете не смее да биде заборавено, занемарено или оставено само“

Народниот правобранител апелира секое дете да има еднаков пристап до образование, безбедна училишна средина, превоз и заштита од насилство и дискриминација.

Со почетокот на новата учебна година, Народниот правобранител упати порака дека секое дете има еднакво право на образование – не само формално, туку и реално, достапно и квалитетно.

„Ниедно дете не смее да биде заборавено, занемарено или оставено само. Образованието е право на секое дете, а создавањето услови тоа право да биде остварено е заедничка одговорност на сите нас“, порача Народниот правобранител.

Во пораката се посочува дека за едни деца училиштето е во непосредна близина, додека за други тоа значи секојдневно патување. За некои семејства обезбедувањето училишен прибор и други потреби е едноставно, но за други претставува сериозен финансиски товар. Затоа, грижата за детето и неговото право на образование не завршуваат со обезбедувањето место во училишната клупа.

Бесплатното образование, според Народниот правобранител, мора да значи создавање услови секое дете непречено да посетува настава, да учи и да напредува. Тоа подразбира навремено обезбедување учебници и други неопходни услови за учење, бесплатен и достапен превоз за децата кои имаат право на него, пристапна и безбедна училишна средина, како и соодветна поддршка за децата и семејствата на кои им е потребна.

Посебно внимание, како што се наведува, треба да им се посвети на децата во социјален ризик, децата со попреченост, оние кои живеат во рурални и оддалечени средини, како и на сите деца кај кои постои ризик од често отсуство, изостанување или напуштање на образованието.

Подобрувањето на условите во училиштата, обезбедувањето превоз, поддршката за учениците од семејства со послаба материјална состојба и создавањето услови за обезбедување храна се важни мерки, но нивната вредност, според институцијата, е во тоа што треба да бидат навремени, достапни и еднакво применливи за секое дете на кое му се потребни.

Училиштето треба да биде место каде што детето ќе се чувствува безбедно, прифатено и почитувано, а различностите нема да бидат причина за исклучување. Наместо тоа, тие треба да бидат можност децата од најмала возраст да учат за почитување, солидарност, толеранција и еднаквост.

Особено внимание, како што се нагласува, мора да се посвети и на спречувањето и навременото препознавање на врсничкото насилство. Секое дете има право да учи во средина ослободена од насилство, заплашување, понижување и дискриминација.

Врсничкото насилство, без оглед дали се случува во училницата, училишниот двор или во дигиталниот простор, не смее да се занемарува или оправдува како „детска работа“.

За негово спречување и справување потребна е континуирана и заедничка ангажираност на училиштата, наставниците, стручните служби, родителите и самите ученици. Секој пријавен случај мора да биде сфатен сериозно, навремено разгледан и проследен со соодветна реакција и поддршка, пред сè водејќи се од најдобриот интерес на детето.

Народниот правобранител ги повикува децата да знаат кому можат да му се обратат доколку се соочат со насилство или бидат сведоци на насилство врз друго дете.

Институцијата ги повикува и родителите, наставниците и стручните служби да разговараат со децата, да ги слушаат и да ги охрабруваат слободно да ги изразуваат своите мислења и да зборуваат за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат.

Во училиштата, се нагласува, треба да се почитува и поттикнува улогата на ученичките правобранители, како механизам преку кој учениците можат активно да учествуваат во заштитата и унапредувањето на своите права. Правото на детето да биде слушнато е составен дел од почитувањето на неговите права.

Народниот правобранител останува отворен за секое дете, родител или граѓанин кој смета дека е повредено право на дете или дека на детето му е оневозможено или отежнато остварувањето на неговите права.

Доколку сметате дека е повредено право на дете, можете да се обратите до Народниот правобранител на телефон 02 3129 335 или на е-пошта contact@ombudsman.mk.

„Да започнеме уште една учебна година со заедничка заложба – секое дете да има право на образование, безбедност, еднаквост, почит и можност да расте и да се развива во средина во која неговиот глас се слуша“, се наведува во пораката по повод почетокот на новата учебна година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс