По повод почетокот на новата учебна година, Народниот правобранител упати апел до сите надлежни дека секое дете мора да има еднаков и реален пристап до образование. Од оваа институција нагласуваат дека ниедно дете не смее да биде заборавено, занемарено или оставено само, бидејќи остварувањето на правото на образование е заедничка одговорност на целото општество.
Од Народниот правобранител посочуваат дека бесплатното образование подразбира многу повеќе од обезбедено место во училишната клупа. Според нив, за непречено следење на наставата неопходно е навремено обезбедување учебници, достапен и бесплатен превоз за сите кои имаат право на него, како и пристапна и безбедна училишна средина. Посебна поддршка мора да им се даде на семејствата во социјален ризик, децата со попреченост, како и на учениците од руралните средини кај кои постои ризик од напуштање на образовниот процес.
Посебен акцент во пораката е ставен на борбата против врсничкото насилство. Институцијата предупредува дека насилството во училниците, училиштата или во дигиталниот простор во никој случај не смее да се занемарува или да се оправдува како обична „детска работа“. Секој таков случај мора да биде сериозно разгледан со брза и соодветна реакција од компетентните служби.
Упатија и препорака до родителите, наставниците и стручните тимови редовно да разговараат со децата и слободно да ги охрабруваат да пријавуваат доколку бидат жртви или сведоци на каков било облик на насилство во училиштата.
Извор: Рацин