Мажот осомничен за пукањето на саботната Вечера на дописниците на Белата куќа во Вашингтон денеска треба да се појави пред суд. Американските медиуми го идентификуваа како 31-годишниот Кол Томас Ален од градот Торанс во Калифорнија.
Истрага и обвиненија
Американскиот државен обвинител Тод Бланш изјави дека прелиминарните наоди укажуваат дека осомничениот ги целел членовите на администрацијата на Трамп, а дека и самиот претседател Доналд Трамп бил „веројатна мета“.
Се очекува Ален денеска официјално да биде обвинет за напад врз федерален службеник и за употреба на огнено оружје при извршување насилно кривично дело. Бланш најави дека подоцна ќе следуваат и дополнителни федерални обвиненија.
Полицијата во неделата за CBS News, американскиот партнер на BBC, потврди дека осомничениот е задржан во полициска станица во северозападниот дел на Вашингтон. Во текот на денешниот ден треба да биде префрлен во притворски центар во југоисточниот дел на главниот град.
Реакцијата на Трамп
Помалку од еден час по инцидентот, претседателот Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави: „Напаѓачот е уапсен“. Подоцна сподели и фотографија на која се гледа апсењето на осомничениот.
На фотографијата се гледа маж без маица како лежи со лицето надолу на тепих, со рацете врзани со лисици зад грбот, додека зад него стојат тројца припадници на обезбедувањето.