Петнаесетгодишно момче е во критична состојба откако вчера било нападнато од врсник во основното училиште „25 Мај“ во скопската населба Ченто.
Петнаесетгодишното момче кое вчера било повредено со остар предмет во основното училиште „25 Мај“ во скопската населба Ченто е во критична состојба на скопските клиники. Директорот на Ургентниот центар, д-р Игор Мерџаноски, за „Вечер“ потврдил дека детето е оперирано и дека неговата здравствена состојба е сериозна.
Претходно, Министерството за внатрешни работи информираше дека е лишен од слобода 15-годишник од Скопје, кој, според пријавата, влегол во училиштето и нападнал ученик на иста возраст.
„На 11.5.2026 во 14:50 часот, во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 15-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од општинско основно училиште на подрачјето на Гази Баба, дека пријавениот влегол во училиштето и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на 15-годишен ученик во училиштето. Предметот е одземен и по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава“, соопштија од МВР.
Случајот повторно го отвора прашањето за безбедноста во училиштата, контролата на пристапот во училишните објекти и навременото препознавање ризично однесување кај малолетници.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.