Наместо во училиште, пред матичар: Детските бракови во Македонија сè уште се законски дозволени

Додека светот го одбележува 27 ноември како Меѓународен ден против детските бракови, во Македонија правниот јаз меѓу законите и судските дозволи и понатаму остава стотици девојчиња без заштита.

Македонија го дочекува првото глобално одбележување на 27 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на детските, раните и принудните бракови, со законодавство кое сè уште дозволува склучување брак на 16-годишна возраст. Додека кривичните измени го санкционираат вонбрачниот живот со дете, судовите издаваат дозволи за малолетнички бракови, а на терен пријавите често остануваат без полициска реакција.

Според податоците на УНИЦЕФ, на глобално ниво 640 милиони девојки и жени стапиле во брак пред да наполнат 18 години. Секоја година околу 12 милиони девојчиња во светот стануваат невести пред полнолетство.

Правната рамка во Македонија содржи сериозна неусогласеност меѓу кривичното и семејното право. Иако Кривичниот законик е изменет и живеењето во вонбрачна заедница со дете претставува кривично дело, Законот за семејство сè уште дозволува склучување брак со навршени 16 години со судска дозвола.

Граѓанскиот сектор и експертите за заштита на правата на децата со години бараат измени на Законот за семејство за целосна забрана на малолетничките бракови. Во пракса, пријавите за вонбрачни заедници со малолетници често не добиваат соодветен одговор бидејќи дел од полициските службеници не се запознаени со измените на Кривичниот законик и ги одбиваат пријавите со образложение дека таквата заедница не е забранета.

Податоците на УНИЦЕФ и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) покажуваат дека на национално ниво 8 отсто од жените на возраст од 20 до 24 години стапиле во прв брак или заедница пред 18-годишна возраст, што е пад во однос на 14 отсто во 1994 година. Сепак, бројките укажуваат на длабока социо-економска нееднаквост: во ромската заедница, каде сиромаштијата и исклученоста се најизразени, стапката достигнува 45 отсто, а 15 отсто од девојчињата стапиле во брак или заедница пред да наполнат 15 години.

Граѓанските организации предупредуваат дека институциите често применуваат двојни стандарди, при што судовите полесно издаваат дозволи за малолетнички бракови за деца Роми, правдајќи ги одлуките со „традиција и култура“ наместо со заштита на правата на детето. Последната тематска студија на УНИЦЕФ посветена на оваа проблематика кај ромската заедница во земјава датира од 2016 година, додека актуелните национални податоци се темелат на Мултииндикаторското кластерско истражување (MICS) од 2018-2019 година и Ситуационата анализа на децата од 2024 година. Нов циклус на MICS истражувањето со Државниот завод за статистика (ДЗС) е договорен за 2027 година.

Теренските сведоштва на граѓанските активисти, меѓу кои и на Несиме Салиоска од организацијата РОМА С.О.С. за УНФПА, потврдуваат дека раните бракови најчесто ги погодуваат девојчињата кои растат во сиромаштија и со ограничен пристап до образование. Напуштањето на училиштето го стеснува нивниот животен избор и ги изложува на зголемен ризик од економска зависност и насилство.

Јавноста беше сведок и на конкретни случаи на договорени малолетнички бракови за финансиска корист, како случајот во Куманово објавен од Цивил медиа, каде татко се обидел да ја омажи својата малолетна ќерка за пари, по што случајот бил пријавен во полиција. Ваквите практики директно го загрозуваат здравјето, безбедноста и развојот на девојчињата, претворајќи го детството во обврска за која тие немаат ниту законска ниту животна зрелост.


На првиот Меѓународен ден против детските бракови, пораката на организациите за заштита на правата на децата е децидна: местото на секое девојче е во училишната клупа, со право самостојно да одлучува за сопственото тело, образование и иднина. Усогласувањето на законите и доследната реакција на полицијата и судовите се минималниот чекор што државата им го должи на овие деца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс