Најмасовната еко-акција во Македонија почнува утре на кејот на Вардар

Од 8 до 10 мај, десетици илјади волонтери од 80 општини ќе чистат на повеќе од 500 локации низ земјата.

На 8, 9 и 10 мај по шести пат ќе се одржи „Генералка викенд“, најмасовната еко-акција во земјава и на Балканот, која годинава ќе мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, повеќе од 600 организации, јавни институции, приватни компании и над 250 државни институции.

Официјалното отворање ќе се одржи утре, на 8 мај, во Скопје, зад Владата, покрај кејот на реката Вардар, во близина на „Кај Жабар“. На средбата со медиумите, најавено е присуство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, и министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа.

Акцијата ќе се спроведува истовремено на повеќе од 500 локации низ целата земја, со цел собирање отпад, подигнување на еколошката свест и поттикнување заедничка грижа за животната средина. Организаторите велат дека „Генералка викенд“ прерасна во национална традиција што покажува дека грижата за јавниот простор може да обедини луѓе од различни средини.

Во Скопје, официјалниот старт ќе биде со чистење на кејот на Вардар. Акцијата ќе биде поделена во осум тимови, распоредени на северната и јужната страна на реката, на потегот од Лепенец до мостот „Киро Глигоров“. Во активностите ќе бидат вклучени волонтери од компании, институции и училишта, во соработка со „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.

Еко-акции ќе се организираат и низ другите општини, во координација со локалните самоуправи и Црвениот крст. Посебни активности се најавени на Шар Планина, каде ќе се чистат диви депонии со учество на припадници на Армијата, чувари на Националниот парк, експерти од австриската компанија „Саубермахер“ и локално население.

Во Охрид, кај Конгресниот центар, ќе се спроведе акција за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Општина Охрид и клубовите „Сороптимист Мома Охрид“ и „Сороптимист Вадуц“. Паралелно, во училиштата низ земјата се реализира и еко-образовната програма „Еко час“, во соработка со Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ.

Организаторите порачуваат дека „Генералка викенд“ останува волонтерска иницијатива со јасна цел: отпадот од минатото да се претвори во поттик за позелена иднина. Максимата на акцијата и годинава останува иста: „Да се извалкаме и да исчистиме!“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни