Откриени најкористените емотикони, но и нивното скриено значење

Од смеење до солзи до топење од срам: како генерацискиот јаз и социјалните мрежи им дадоа целосно нова улога на познатите симболи.

Технолошкиот гигант Google објави преглед на најкористените емотикони во последните шест години, откривајќи дека симболите што секојдневно ги испраќаме во дигиталната комуникација одамна го надминаа своето буквално значење. Додека навалената насмевка со солзи (🤣) останува на врвот според масовноста, начинот на кој помладите генерации ги толкуваат рацете, срцата и лицата создаде паралелен интернет јазик каде што една икона истовремено означува иронија, непријатност или премолчено одбивање.

Според податоците што ги сумираше Google, секоја година носи различен симбол што најдобро го отсликува расположението на мрежите. Во 2024 година првото место му припадна на ликот што одмавнува со главата (🙂‍↔️). Иако првично е замислен како едноставно одрекување, корисниците брзо го трансформираа во зајадливо „нема шанси“ или јасна порака дека одбиваат понатамошна расправија.

Слична судбина доживеа и „растопеното лице“ (🫠), апсолутниот фаворит за 2022 година. Овој симбол стана дигитална маска за моментите кога човекот се смешка на површината, а однатре сака да пропадне в земја од срам или замор. На платформите како Reddit, корисниците редовно го користат и како реакција на неочекуван комплимент кога едноставно „се топат“.

Минатата година донесе неочекувана промена кога најбаран стана симболот на споени прсти свртени нагоре (🤌). Иако во физичкиот свет претставува класичен италијански гест со значење „што сакаш?“ или „што зборуваш?“, интернет заедницата му додели попозитивна улога. Денес често се испраќа како виртуелен знак за восхит, слично на гестот со бакнување прсти кога нешто е изведено совршено.

За разлика од сложените гестови, 2023 година беше обележана со едноставност преку светло розовото срце (🩷). За разлика од класичното црвено срце кое носи тежина на љубовна врска, новата нијанса стана универзален код за лежерна поддршка и пријателство меѓу познаници.

Употребата на емотикони бележи огромен скок во секојдневната размена на пораки. Податоците од платформите за анализа Pumble и Amra & Elma покажуваат раст на нивното користење од дури 775 проценти во последните три години.

Сепак, бројките кријат длабока поделба во разбирањето на кодот. Додека постарите генерации најчесто ги користат симболите според нивниот оригинален дизајн, генерацијата Z речиси секогаш внесува сарказам. Трите споени симболи – очи, уста, очи (👁️👄👁️) кои доминираа во 2020 година, станаа синоним за шок, неверување и ситуација во која едноставно нема соодветен коментар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс