Ана Пејчинова, Даниела Андоновска-Трајковска и Владимир Јанковски се добитници на наградите за најдобра кратка книжевна форма на јубилејното, триесетто издание на манифестацијата „Празник на липите“. Друштвото на писателите на Македонија соопшти дека признанијата се доделени по оценувањето на анонимниот конкурс на кој пристигнале вкупно 32 дела, односно дваесет и шест песни и шест раскази.
Тројцата членови на комисијата, Ива Дамјановски, Никола Маџиров и Жарко Кујунџиски, работеа независно и ги бодуваа непотпишаните ракописи. Првата награда ѝ припадна на поетесата Ана Пејчинова за песната „Мајсторска завршница“, која според жирито се издвојува по приказот на човечката кревкост наспроти моќта на природата. Второто место го освои Даниела Андоновска-Трајковска со поетската творба „Татко ми станал писател“, оценета како длабока рефлексија за сеќавањето и напишаниот збор. Третата награда замина кај прозаистот Владимир Јанковски за расказот „Сребре Тилевски, липарот“, дело што ја истражува тивката мудрост и врската меѓу човекот и природата.
Наградените автори и дел од останатите учесници ќе ги претстават своите творби на книжевното читање закажано за 5 септември во просториите на ДПМ во Скопје. Со овој настан официјално ќе се заокружи триесеттото издание на традиционалната манифестација, чиј прв дел се одржа во јуни со доделувањето на признанието „Книжевен жезол“ на академик Ристо Василевски и бугарската поетеса Роза Бојанова.