Преведувачот Ненад Трповски ја доби наградата „Ванѓа Чашуле“ за 2024 и 2025 година за својот превод од португалски на македонски јазик на делото „Книга“ („Livro“) од современиот португалски автор Жозе Луиш Пејшото. Делото е објавено во Португалија во 2010 година, а македонското издание е во издаваштво на „Антолог“ од 2024 година.
Комисијата за наградата, составена од Илија Чашуле, Игор Поповски, Лилјана Митковска и Виолета Јагев, оцени дека преводот успешно ги пренесува јазичните и стилските особености на метафикцискиот роман, задржувајќи го богатството на авторовиот израз и сложената наративна структура. Во образложението се наведува дека со внимателно избрани реченични и лексички решенија, преведувачот природно го доближува делото до македонскиот читател, така што текстот се чита како оригинално напишан на македонски јазик.
Наградата „Ванѓа Чашуле“ се доделува третпат по нејзиното возобновување во 2023 година, по повод 40-годишнината од смртта на Ванѓа Чашуле, една од првите преведувачки од шпански и првата преведувачка од португалски на македонски јазик. Таа е позната по преводи на дела како „Сто години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес, „Сребре и јас“ од Хуан Рамон Хименес и „Габриела, каранфил и канела“ од Жорже Амаду.
Комисијата разгледувала преводи од шпански и португалски јазик објавени во 2024 и 2025 година, од автори кои досега не ја добиле оваа престижна награда.