Наградата ДЕНЕС замина кај Јован Јосифовски: Признанија за сите тројца финалисти

Победникот доби двомесечен престој во Њујорк во 2027 година, Ана Трајковска изложба во Скопје, а Сергеј Калеников престој во Сплит.

Јован Јосифовски е добитник на XX Награда ДЕНЕС 2026, најстарата независна награда во земјава за млади визуелни уметници до 35 години, која синоќа беше прогласена во Сули-ан. Наградата вклучува двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк во 2027 година, а му беше доделена за неговата досегашна уметничка практика и нејзиниот актуелен развој. Годинава, за првпат, сите тројца финалисти за наградата добија признанија.

Жирито оцени дека делото „Оддел за управување со бесот“, претставено во рамки на изложбата на наградата ДЕНЕС, го означува моментот на промена во практиката на Јосифовски, кој оваа трансформација убедливо ја образложил и во својата презентација.

„Неговата практика се наоѓа во пресуден момент на трансформација и сметаме дека Њујорк, во овој период од неговиот уметнички развој, ќе му понуди соодветна и поттикнувачка средина за понатамошна работа“, образложи жирито по долга дискусија за практиките на тројцата финалисти.

Ана Трајковска е номинирана за реализација на самостојна изложба во Скопје во 2027 година. Според жирито, ова е вистински момент во нејзиниот развој за да добие можност да ги продлабочи своите идеи и, со соодветна поддршка, да ги развие во самостоен изложбен проект.

Сергеј Калеников е номиниран за едномесечен престој во галеријата „Простор“ во Сплит. Жирито го препозна неговиот неодамнешен развој кон поекспериментални насоки во работата, проследен со поголема самодоверба и храброст, оценувајќи дека престојот ќе му овозможи да ги продлабочи овие нови насоки во својата практика.

Одлуката за Наградата ДЕНЕС 2026 ја донесоа Натали Онглес, извршна директорка и коосновачка на Residency Unlimited од Њујорк, Јелена Мијиќ, мултимедијална уметничка и културна работничка од Белград и добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“ во 2017 година, и Илија Прокопиев, визуелен уметник и културолог, добитник на ДЕНЕС во 2011 година и актуелен уметнички директор на галеријата Шкуц во Љубљана.

Наградата ДЕНЕС е основана во 2002 година од Центарот за современи уметности – Скопје. Од 2015 година ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамки на АКТО фестивалот за современи уметности, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), Residency Unlimited (RU) и фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс