СЗО предупредува: Употребата на тутун кај жените и девојчињата во Европа останува висока

Додека пушењето кај мажите се намалува побрзо, кај жените напредокот е значително побавен. Во 15 европски земји употребата на тутун кај жените дури и се зголемува, а девојчињата на возраст од 13 до 15 години користат електронски цигари речиси двојно почесто од светскиот просек.

Европа и Централна Азија се единствените региони во светот што не ги исполнуваат глобалните цели за намалување на употребата на тутун кај жените, покажува новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО). Повеќе од 22 отсто од возрасните во европскиот регион на СЗО, кој опфаќа 53 земји во Европа и Централна Азија, користат тутун. Од последиците од употребата на тутун во регионот годишно умираат 1,6 милиони луѓе.

Според анализата на СЗО за Европа, употребата на тутун се намалува побрзо кај мажите, кај кои стапките на пушење и натаму се повисоки. Кај жените, пак, падот е загрижувачки бавен, а во 15 земји употребата на тутун дури и расте. Се проценува дека околу 63 милиони жени во европскиот регион користат тутун.

Меѓу 2010 и 2025 година, употребата на тутун кај мажите се намалила од 39,3 на 30,3 отсто, што претставува пад од 23 проценти. Кај жените, намалувањето било од 19,6 на 17,3 отсто, односно за само 12 проценти. Ниту една од двете групи не ја достигнала целта на СЗО за намалување на употребата на тутун за 30 отсто до 2025 година.

Европа е единствениот регион што не ја исполнил целта за жените

На глобално ниво, употребата на тутун кај жените во истиот 15-годишен период се намалила за 42 отсто. Европа е единствениот регион што не ја исполнил целта на СЗО за намалување од 30 проценти. Во сите други региони, до 2025 година употребата на тутун кај жените паднала под 10 отсто, се наведува во извештајот.

„Европскиот регион не бележи доволен напредок во намалувањето на употребата на тутун ниту кај мажите ниту кај жените. Но жените и девојчињата, особено, остануваат далеку зад другите“, изјави Кристина Мауер-Штендер, регионална советничка на СЗО за контрола на тутунот во Европа.

Загрижувачките трендови се присутни и кај тинејџерите. Околу 14 отсто од младите на возраст од 13 до 15 години во регионот користат електронски цигари, што е речиси двојно повеќе од светскиот просек. Во 29 земји девојчињата користат тутун најмалку подеднакво често како момчињата, додека во 35 земји се подеднакво или повеќе склони кон употреба на електронски цигари.

„Тинејџерките денес пушат цигари и користат електронски цигари исто колку и момчињата, а понекогаш и повеќе. Ништо од ова не е неизбежно. Знаеме кои политики даваат резултати“, рече Мауер-Штендер.

СЗО бара повисоки даноци и построги правила

СЗО ги повика европските земји да ги зголемат даноците на тутунските производи така што тие ќе изнесуваат најмалку 75 отсто од малопродажната цена. Организацијата бара и доследно спроведување на забраните за пушење во затворени јавни простори, забрана за рекламирање тутунски производи, регулирање на електронските цигари и заштита на политиките за контрола на тутунот од влијанието на тутунската индустрија.

Европската комисија, извршното тело на Европската Унија, подготвува голема реформа на европските правила за тутунските производи. Се очекува законските измени да ги опфатат и никотинските производи, вклучително и електронските цигари и никотинските кесички, како и барањата за пакување. Одделниот план за зголемување на даноците на тутунот, сепак, е во застој.

Минатата година организација за надзор ја обвини Европската комисија дека нејзини функционери одржувале непријавени средби со претставници на тутунската индустрија, што би можело да претставува прекршување на правилата за транспарентност.


Се проценува дека тутунската индустрија годишно троши меѓу осум и 10 милиони евра за лобирање во институциите на Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс