Кога Маргарет Атвуд ја објави „Приказната на слугинката“ во 1985 година, многумина ја прочитаа како научна фантастика, далечна приказна за теократска држава што го презема телото на жената и го претвора во државна сопственост. Самата авторка повеќепати објаснувала дека во романот не внесла ништо што луѓето веќе не го направиле некаде и некогаш. Токму затоа книгата не застарува. Гилеад во романот не настанува со тенкови на улиците, туку со замрзнување на банкарските сметки, отпуштање на жените од работа и молк. Една по друга следуваат неколку административни одлуки, од кои секоја, земена одделно, изгледа како нешто што може да се преживее.
Тоа е најнепријатната лекција на Атвуд, а во неа нема ништо дистописко. Стеснувањето на слободата ретко е спектакл. Почесто се манифестира како празно место таму каде што порано имало знаење, услуга или право. Кај нас таквата празнина најнапред се забележува во училиштата. Сеопфатното сексуално образование требаше да им даде на девојчињата и момчињата јазик за сопственото тело, за согласноста и за личните граници, но беше повлечено. Неговото отсуство никој не го доживува како забрана, но генерацијата што расте без тој јазик ќе има многу помалку алатки за да препознае кога некој ги преминува нејзините граници.

Втората празнина е физичка и може да се измери во километри. Според податоците на Фондот за здравствено осигурување, објавени од Канал 77, 264.605 жени на возраст над 12 години немаат избрано матичен гинеколог, а во 43 општини нема гинеколог со активен договор со Фондот. Тоа значи дека во период од две години уште две општини останале без матичен гинеколог. Последиците се видливи и во превенцијата. Според Здружението ЕСЕ, само 32 отсто од жените биле опфатени со скринингот за рак на грлото на матката. Како клучни причини се наведуваат недоволните средства за скрининг и недостигот од матични гинеколози, бидејќи во речиси 40 општини воопшто нема матичен гинеколог. И таму каде што има, гинеколозите често се преоптоварени. Според податоците што ги објави Факултети.мк, на национално ниво еден матичен гинеколог во просек опслужува 3.340 жени во репродуктивен период, а во некои градови бројката достигнува и до 6.800.
Ниту една од овие бројки не претставува законска забрана за жените. Сепак, жена од помала општина која мора да патува до соседниот град, да плати приватен преглед или со месеци да чека термин живее во систем што подеднакво ефикасно ѝ ја ограничува слободата. Атвуд ја опиша токму таа механика: контролата врз женското тело не мора да се спроведува со насилство кога е доволно телото да остане без здравствена грижа, без информации и без глас.
Атвуд и самата знае дека книгите се бојно поле. Во 2022 година, како одговор на забраните на книги во американските училишта, беше изработено огноотпорно издание на „Приказната на робинката“, кое беше ставено на аукција. Тоа се случи во пресрет на одлуката на Врховниот суд на САД, за која се очекуваше дека ќе го поништи националното право на абортус. Судот навистина го направи тоа. Дистопијата и вестите се сретнаа на истата страница.
Македонските читатели можат да ја читаат Атвуд на македонски јазик. Романот е достапен под насловот „Приказната на робинката“, во издание на „Бегемот“, во превод на Кристина Димкова, во едицијата „Ре:генерација“. Насловот со „робинка“, наместо вообичаеното „слугинка“, е свесен избор што ја нагласува бруталноста на приказната. „Бегемот“ го објави и романот „Животот пред човекот“, исто така во превод на Кристина Димкова, во едицијата „Аквамарин“. „Антолог“ ги објави „Слепиот убиец“ и „Мачкино око“, во превод од англиски на Ѓургица Илиева Нацкова. Преводот на „Слепиот убиец“ беше номиниран за наградата „Драги“. Поезијата на Атвуд е достапна во збирката „Сор Хуана работи во градината“, во издание на „Темплум“.
Да се чита Атвуд на нејзиниот 87. роденден не е носталгија. Тоа е вежба за внимание: да ги забележиме одлуките што ги прифаќаме како нормални само затоа што се случиле тивко. Гилеад не почнува кога некој ќе го прогласи. Почнува кога ќе престанеме да го бараме она што ни недостасува.
