Четиридневна работна недела со иста плата: Кои европски земји го тестираат моделот?

Од Исланд до Португалија, Германија и Полска, сè повеќе европски земји експериментираат со пократка работна недела без намалување на платите. Резултатите покажуваат можни придобивки за продуктивноста и здравјето на вработените, но и дека моделот не може подеднакво да се примени во сите сектори.

Четиридневната работна недела не е уредена на ист начин во сите земји. Некои им овозможиле на вработените да го распоредат полното работно време на четири дена, додека други тестирале вистинско намалување на бројот на работни часови со задржување на истата плата.

Исланд е меѓу земјите што спроведоа најпознати експерименти со пократко работно време. Во периодот од 2015 до 2019 година беа организирани два големи пилот-проекта во кои учествувале околу 2.500 вработени, односно повеќе од еден процент од вкупната работна сила. Работното време било намалено од 40 на 35 или 36 часа неделно, без намалување на платите. Во истражувањето учествувале вработени од различни дејности, меѓу кои јавната администрација и социјалните служби.

Анализата на резултатите покажала дека продуктивноста и нивото на услугите во повеќето опфатени работни места останале исти или се подобриле. Вработените пријавиле помалку стрес, подобро здравје и подобра рамнотежа меѓу работниот и приватниот живот. Според извештајот на организациите „Аутономи“ и „АЛДА“, по завршувањето на експериментите околу 86 отсто од работната сила во Исланд работела пократко или стекнала право на намалено работно време, објавено е на веб-страницата autonomy.work.

Во Велика Британија, во 2022 година, беше спроведен еден од најголемите експерименти со четиридневна работна недела. Во него учествувале 61 компанија со околу 2.900 вработени, кои шест месеци работеле пократко, но ја задржале целосната плата.

Резултатите, објавени во февруари 2023 година, покажале дека 56 од 61 компанија продолжиле да ја применуваат четиридневната работна недела по завршувањето на експериментот. Една година подоцна, најмалку 54 организации потврдиле дека сè уште го користат моделот, додека најмалку 31 компанија го вовела како трајна промена.

Истражувањето забележало и подобрувања во однос на стресот, исцрпеноста на работното место и рамнотежата меѓу приватниот и професионалниот живот. Сепак, станува збор за доброволен проект во кој учествувале компании што самите се пријавиле, а не за промена воведена на ниво на целата земја.

Португалија во 2023 година започна пилот-проект во кој учествувале 41 компанија од приватниот сектор, со повеќе од 1.000 вработени. Експериментот траел шест месеци, а работното време во просек било намалено за 13,7 отсто, со задржување на платите.

Според евалуацијата спроведена од португалскиот државен институт ПЛАНАП и истражувачи од универзитетите Биркбек и Хенли, дури 95 отсто од компаниите позитивно го оцениле искуството. Меѓу вработените, 65 отсто навеле дека поминуваат повеќе време со семејството, а се намалиле и некои показатели за менталното оптоварување, вклучувајќи ги анксиозноста, заморот и проблемите со спиењето.

Германија во 2024 година започна пилот-проект во кој учествувале 45 организации од различни сектори, со околу 900 вработени. Експериментот бил организиран со поддршка на Универзитетот во Минстер и организацијата „4 Деј Вик Глобал“.

Учесниците шест месеци тестирале различни модели за намалување на работното време со задржување на платите. Според резултатите, бројот на работни часови бил намален во просек за речиси четири часа неделно, додека клучните финансиски показатели не забележале значителни промени во споредба со претходната година.

Истражувачите забележале подобрувања во задоволството од животот, квалитетот на спиењето и физичката активност на вработените. Сепак, нагласиле дека компаниите применувале различни модели и дека резултатите не значат оти истиот пристап би бил подеднакво успешен во сите дејности.

Полска е една од најновите европски земји што започнаа експеримент со намалување на работното време со задржување на платите. Според податоците на тамошното Министерство за семејство, труд и социјална политика, во пилот-проектот што се спроведува во текот на 2026 година учествуваат 78 работодавачи, а опфатени се речиси 5.000 вработени.

Проектот започнал на 1 јануари 2026 година и ќе трае до крајот на декември. Работодавачите тестираат различни начини на организација на работата, меѓу кои скратување на дневното работно време, дополнителни слободни денови и четиридневна работна недела. Завршниот извештај се очекува најдоцна до 15 мај 2027 година.

Франција е специфичен пример, бидејќи законската референтна норма за полно работно време изнесува 35 часа неделно. Тоа, сепак, не значи дека вработените во земјата задолжително работат четири дена. Француското Министерство за труд објаснува дека 35 часа се прагот за пресметување прекувремена работа, а не максимално дозволено работно време.

Белгија во 2022 година им овозможи на вработените во приватниот сектор да побараат распоредување на полното работно време во четири наместо во пет дена. Сепак, овој модел не подразбира автоматско намалување на вкупниот број работни часови, туку нивно распоредување во подолги работни денови.

Тоа значи дека вработените можат да добијат продолжен викенд од три дена, но не и нужно да работат помалку часови во текот на неделата.

Пократка работна недела не значи секогаш и четири работни дена

Податоците за просечниот број работни часови покажуваат дека некои европски земји имаат пократка работна недела дури и кога немаат воведен модел на четиридневна работна недела. Според податоците на Евростат за 2025 година, просечниот број навистина одработени часови неделно кај вработените со полно и скратено работно време во Европската Унија изнесувал 35,9.

Најкратка просечна работна недела е забележана во Холандија, со 31,9 часа. Данска и Норвешка имале просек од 33,9 часа, додека во Франција тој изнесувал 35,6 часа. Од друга страна, најдолга работна недела меѓу земјите опфатени со споредбата имала Турција, со 42,4 часа, а Србија била на 40,9 часа. Меѓу земјите членки на Европската Унија, најдолго се работело во Грција, каде што просекот изнесувал 39,6 часа.


Овие податоци се однесуваат на фактичкото работно време на вработените на возраст од 20 до 64 години на нивното главно работно место и ги опфаќаат и оние со полно и оние со скратено работно време. Затоа не треба да се поистоветуваат со законската норма за вработените со полно работно време.

е-Трн да боцка во твојот инбокс