Нафтата скокна за речиси 8 отсто: Стравувања од нова криза по прекинот на контактите меѓу Иран и САД

Цените на нафтата нагло пораснаа на светските пазари откако Иран најави прекин на дипломатските контакти со САД поради ескалацијата на конфликтот во Либан. Инвеститорите стравуваат од нов удар врз глобалната економија.

Цените на нафтата забележаа силен раст на светските пазари, откако се појавија информации дека Иран ги прекинува контактите со САД поради најновата ескалација на израелските воени операции во Либан. Американската сурова нафта ВТИ достигна 94,11 долари за барел, што претставува раст од 7,84 проценти, додека северноморската нафта Брент поскапе за 6,53 проценти и се искачи на 97,06 долари за барел. Според иранската новинска агенција „Тасним“, Техеран одлучил да ги прекине дипломатските контакти со Вашингтон како реакција на израелските напади во Либан и продолжувањето на воената операција против Хезболах.

Пазарите веднаш реагираа на веста поради стравувањата дека дополнителната нестабилност на Блискиот Исток може да го загрози протокот на нафта низ стратешкиот Ормутски Теснец, низ кој минува значителен дел од светската трговија со енергенси. Аналитичарите предупредуваат дека наглото поскапување на нафтата може повторно да ја зголеми инфлацијата на глобално ниво, особено во земјите кои се силно зависни од увоз на енергенси. Поради тоа, инвеститорите почнаа да ги продаваат државните обврзници, додека водечките светски берзански индекси покажаа зголемена нестабилност по неодамнешните рекордни вредности.

Доколку тензиите меѓу Иран, Израел и САД продолжат да се продлабочуваат, не е исклучено цените на нафтата дополнително да растат во наредните денови, што би можело да има директно влијание и врз цените на горивата во Европа и регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс