Нафтата „Брент“ поевтини за 1,5 отсто, но барелот и натаму чини околу 108 долари

По минатонеделниот раст на цените, трговците почнаа да реализираат добивки. Американската нафта ВТИ се задржа близу 101 долар за барел, поради загриженоста за снабдувањето на светскиот пазар.

Цената на референтната нафта „Брент“ денеска се намали за 1,5 отсто, на околу 108 долари за барел, откако минатата недела забележа значителен раст. Според податоците што ги пренесува „Трејдинг економикс“, падот делумно е поврзан со реализацијата на добивките од страна на трговците по претходното поскапување.

Минатонеделниот раст од околу пет отсто ја доведе цената на „Брент“ до највисокото ниво во последните пет месеци. Во меѓувреме, цената на американската сурова нафта ВТИ се задржа близу 101 долар за барел, во близина на највисокото ниво во последните четири недели. Во текот на претходната недела таа поскапе за околу 10 отсто.


Растот на цените во изминатите денови беше поттикнат од обновените судири на Блискиот Исток и загриженоста дека конфликтот би можел да предизвика прекини во снабдувањето со нафта. И покрај денешното намалување, цените остануваат високи, а случувањата на Блискиот Исток продолжуваат да влијаат врз очекувањата на пазарите за глобалното снабдување со енергенси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс