Search

Надица Петрова: Недела е ден за салата и ракија кај моите во Неготино

Надица Петрова е актерка од Неготино која последните 17 години живее во Скопје. Има завршено два факултета, едниот е Технолошко-металуршки, но откако не се пронашла во таа област на 24 години се решава да го оствари сонот од детството. Петрова, иако за жал е во редот на многуте невработени актери сепак успева да допре до публиката. Покрај преставите на независната театарска сцена таа е и stand up комичарка.
Фото: Александра Таушанов
Фотограф: Александра Таушанов

Недела наутро:

Во едно интервју ме прашаа каков ми е обичниот ден и во тој момент сфатив, но и се запрашав зошто немам никаква рутина. Од тој момент, како со магично стапче да се смени се. Сега имам рутина, и секој ден го започнувам со благодарност, се заблагодарувам на се што имам, дали тоа било кревет, кров над глава…Дури и кога ми е најтешко и не ми се живее барам нешто за кое ќе бидам благодарна. После тоа правам некои утрински вежби, се туширам и така некако изгледа моето неделно утро.

Неделен ручек:

Веќе 17 години живеам сама во Скопје. Тоа можеби звучи осамено, а и така е во одредени моменти, но сепак ми е супер и ми годи. Сепак омилен неделен ручек ми е, кога ќе се вратам во моето Неготино, ракија со салата и леќа која многу ја обожавам. Навистина многу сакам леќа. Морам да споменам дека кога сум дома не пропуштам да ги јадам и пишиите (мекици) на мајка ми. Зарем има поубаво од топли, домашни пишии со сиренце или јогурт?

Фотограф: Константин Качев

Недела попладне:

Неделното попладне е време кое ме инспирира, бидејќи самиот живот ми е инспирација иако понекогаш преовладува и депресијата хахах но тоа е тука и сега. Повторно ќе ја споменам благодарноста, секогаш кога ќе дојдат кризни моменти си велам, биди инспиративна и среќна – види што се имаш. Сепак морам да споменам дека во недела попладне често знам да земам да читам некоја книга со тема за менталното здравје, духовност, односно книги од кои можам да научам нешто ново.

Неделно опуштање:

Не сум нешто многу релевантна за убав неделен ден и опуштање, бидејќи немам фиксно работно место и време од понеделник до петок за да уживам во неделата како ден. Но кога го имав го користев за перење, чистење и средување на домот. Како и да е неделното опуштање е да се сакаш себе си, семејството, пријателите, бидејќи тоа е богатството.

Фотограф: Константин Качев

Недела навечер:

Како и сите други денови така е и со недела навечер. Немам некои ритуали или посебни активност, ако мора нешто да се направи ќе го направам. Како и да е недела навечер е недела навечер хахха.

Недела во детството:

Првата асоцијација за недела во детството ми е играта со друштвото. По цел ден бевме надвор, пред зграда, во парк, на игралиште и тоа не правеше среќни. Иако имало и недели кога повеќе семејства сме се собирале на ручек, но пак ќе речам ние децата повеќе се радувавме на детската игра и безгрижност надвор, отколку да седиме со возрасните на трпезата.

Фотограф: Александар Велов

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?

Лично мене ми е сеедно што утре понеделник, бидејќи не сум редовно вработена. Во зависност од тоа кога имам stend ap настап так го организирам времето и подготовките. Така живеам, односно преживувам, бидејќи се уште не можам да речам дека убаво живеам од тоа што во моментов го правам

Најново

Последни колумни