Над 650 планинари и љубители на планината учествуваа на 44. традиционално искачување на Титов Врв, еден од најдолговечните планинарски настани во земјава. Настанот, во организација на Планинарскиот клуб „Љуботен“, и годинава ја собра планинарската заедница од Македонија и регионот на падините на Шар Планина.
На искачувањето учествуваа планинари од повеќе градови и планинарски клубови низ Македонија, како и гости од Косово и Србија. Учесниците се движеа по обележани патеки, а за нивната безбедност и непречено движење по трасата се грижеа водичи и членови на ПК „Љуботен“.
Пред кулата на Титов Врв, на планинарите им беа поделени пригодни стикери како спомен од овогодинешното искачување.
Временските услови беа поволни за движење на планина, иако на повисоките делови од трасата дуваше силен ветер, карактеристичен за овој дел од Шар Планина. Поради значителното присуство на снег на повеќе делови од патеката, годинашното искачување се вбројува во зимски услови.
По завршувањето на турата, учесниците беа пречекани во хотел „Конак“ со топол чај, музика и дружба. Таму планинарите имаа можност да се одморат, да ги споделат впечатоците од искачувањето и да го заокружат денот во духот на планинарската заедница.
Манифестацијата започна на 30 мај со свечено отворање на Попова Шапка. Во рамки на програмата беше организиран планински базар со рачни изработки, локални производи и сувенири, како и музичка и забавна програма.
Особено внимание годинава привлече детската програма, која за првпат беше организирана како посебен дел од настанот. Најмладите учесници беа вклучени во лесна планинарска прошетка, едукативни и забавни активности, креативни работилници и еко-акции.
Со тоа, традиционалното искачување доби уште една важна димензија: планината не само како спортски предизвик, туку и како простор каде децата од најрана возраст учат за природата, движењето, одговорноста и заедништвото.
Со 44. издание, ПК „Љуботен“ уште еднаш го потврди значењето на искачувањето на Титов Врв како настан што со децении ги поврзува планинарите, ја промовира Шар Планина и ја чува традицијата на активен живот и почит кон природата.
Годинава, по 20-ти пат, генерален спонзор на традиционалното искачување беше ТТК Банка. Златен спонзор беше А1 Македонија, а санитетски покровител Medica Centre / ПЗУ Магмед Тетово.