Националниот џез оркестар со полна есенска агенда додека уште чека свој дом

Соработка со Греми-лауреатот Дан Пугач и настапи во Прага и Сараево, додека ансамблот сè уште вежба на позајмени сцени.

Националниот џез оркестар влегува во новата полусезона со амбициозен распоред што го отвора на 7 октомври во Скопје заедно со израелско-американскиот тапанар и лански добитник на Греми, Дан Пугач. До крајот на декември ансамблот најавува концерт со пијанистот Мишел Камило, две домашни јубилејни вечери и европски фестивалски настапи, иако институцијата и натаму функционира без свој матичен простор за секојдневни проби.

Почетокот на сезоната носи меѓународна соработка со триото на Дан Пугач на почетокот на октомври. Веднаш потоа, Националниот џез оркестар на домашната сцена ќе настапи и со доминиканскиот пијанист Мишел Камило, музичар познат по своите изведби кои ги спојуваат класичното пијано, џезот и латино жанровите.

Календарот на настани во Скопје вклучува и два авторски концерта посветени на домашни автори. На 28 октомври ансамблот свири авторски материјал на Сашо Николовски, додека на 28 ноември е закажан јубилеен настан посветен на творештвото на Славе Димитров. Годината завршува во декември со детски концерт на 8 декември и новогодишен настап со Џон Илија Апелгрим на 14 декември.

Есенската програма има изразен меѓународен фокус. Оркестарот на 2 ноември патува за Прага, каде што во галеријата „Петров“ ќе изведе сопствен авторски материјал. Два дена подоцна, на 4 ноември, ансамблот ќе го отвори годинешното издание на Сараевскиот џез фестивал во Босна и Херцеговина.

Серијата странски гостувања опфаќа и учество на реномираниот фестивал во португалскиот град Гимараеш. На оваа сцена македонскиот оркестар ќе настапи заедно со познатиот американски џез пејач Курт Елинг.

Преминот од граѓанско здружение во јавна национална установа го олесни контактот со светските агенции и обезбеди стабилна годишна програма, посочува директорот Гоце Стевковски. Сепак, главниот оперативен проблем останува нерешената просторна инфраструктура.

„Како здружение бевме лимитирани од повеќе аспекти, затоа што не можевме да функционираме редовно во контекст на програмата. Сега е малку поразлично, бидејќи сме национална институција. И буџетот е попристоен и може да правиме редовни концерти и редовна програма. Сметам дека уште малку треба технички и логистички да се средат некои работи за да може до крај да ги реализираме сите тие наши идеи“, вели Стевковски.

Клучната кочница во секојдневието е што просторот наменет за оркестарот сè уште не е градежно завршен.

„Просторот што се прави за да може да работиме сè уште не е готов. Тоа малку ни ја отежнува работата. Многу е поедноставно кога имате просторија за вежбање и работите со полна пареа. Вака е малку проблематично, би рекол, иако се снаоѓаме многу добро“, додава тој.

До финализирање на работите, оркестарот нема свој постојан термин за вежбање. Концертите и подготовките се организираат исклучиво според слободните термини во салите на Националната опера и балет и Филхармонијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс