Нови камери за мониторинг поставени во Националниот парк „Пелистер“

Во Националниот парк „Пелистер“ се поставени нови камери на над 2.000 метри надморска висина за мониторинг на дивите животни и превенција од несакани случувања.

Јавната установа Национален парк „Пелистер“ постави дополнителни камери на над 2.000 метри надморска висина, со цел следење на дивите животни и подобра заштита на природните живеалишта.

Од Националниот парк информираат дека превентивните активности веќе даваат резултати, а процесот на мониторинг во наредниот период ќе се интензивира.

Камерите ќе го следат движењето на дивите животни

Петар Моштановски, вработен во ЈУ Национален парк „Пелистер“, посочи дека камерите се поставени во висок планински регион, каде се очекува да се забележи движење на дивата коза, но и на други диви животни.

„Нашата цел е зачувување и мониторинг на живеалиштата на животните, да им се подобрат нивните услови за живеење и опстанок во природата. Во овој регион се надеваме дека ќе затекнеме движење на дива коза, но и други диви животни“, истакна Моштановски.

Според него, системот за мониторинг ќе помогне во утврдување на бројноста, здравствената состојба и потенцијалот на дивите животни во Националниот парк „Пелистер“.

Дел од камерите и за превенција

Директорот на ЈУ Национален парк „Пелистер“ – Битола, Иванчо Тошевски, вели дека дел од камерите, освен за мониторинг на животните, се користат и за превенција од несакани случувања на планината.

„Со активен мониторинг се намали нехигиената, сè помалку смет се остава од страна на посетители на планината“, нагласи Тошевски.

Тој упати благодарност до медиумите кои ги пренесувале апелите за поголема култура на однесување во планина и за заедничка грижа во зачувувањето на националното богатство.

Најавени нови еко-проекти

Од ЈУ Национален парк „Пелистер“ – Битола најавуваат дека наскоро ќе промовираат и други еко-проекти за заштита на паркот.

Како што посочуваат од установата, целта е преку континуирани активности да се подобри заштитата на природата, дивиот свет и планинскиот простор на Пелистер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс