Автобусите поскапеа: Новиот тендер чини над 1 милион евра повеќе

Повторениот тендер за 150 електрични автобуси е поскап за над 1,2 милиони евра. Граѓаните и понатаму се соочуваат со лоши услови во јавниот превоз.

Набавката на 150 електрични автобуси за јавниот превоз повторно ја добија унгарската компанија „Икарус“ и австриската ЕВН, но по повисока цена во однос на првиот тендер кој претходно беше поништен.

Според податоците од Министерството, новата понуда изнесува околу 50 милиони евра без ДДВ, односно приближно 322.000 евра по автобус и околу 30.000 евра за една станица за полнење. На претходниот тендер цената по автобус била околу 314.000 евра.

Разликата од околу 8.000 евра по возило значи дека за 150 автобуси вкупната сума е повисока за околу 1,2 милиони евра. Според проценките, со тие средства можело да се сервисираат постојните автобуси, да се поправат клима-уредите и да се подобрат условите за патниците.

Во меѓувреме, граѓаните и натаму се соочуваат со лоши услови во јавниот превоз, особено во летниот период кога температурите во автобусите достигнуваат и до 45 степени.

По потпишувањето на договорот, испораката ќе се одвива во три фази: првите 30 автобуси во рок од шест месеци, следните 60 за една година, а останатите 60 во рок од 18 месеци.

На тендерот учествувале четири компании, меѓу кои и производители од Кина, Данска и Турција, но како најповолна повторно била избрана заедничката понуда на „Икарус“ и ЕВН.

Ова е трет обид за набавка на нови автобуси, откако првиот тендер беше поништен од Државната комисија за жалби. Постапката сè уште не е завршена, бидејќи следува рок од 10 дена за евентуални жалби пред финализирање на договорот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс