Search

На брод за Велес

Ајде за момент да замислиме дека сме интелигентен, работлив и одговорен народ. Покажувајќи солидна свест за историски контекст и моќ за компромис, сме ги решиле сите отворени прашања со соседите уште во средината на деведесеттите. Имаме функционална консензуална демократија и пристоен соживот, членка сме на сите релевантни меѓународни организации уште од крајот на минатиот век, а конфликтот од 2001 воопшто не се ни случил. Логично, стануваме составен дел од Европската заедница некаде на средината на првата декада од 21виот век, а особено добро соработуваме со земји како Јапонија, Израел и Јужна Кореја. Користиме европски фондови за развој на инфраструктура и јапонска стручна помош и технологија.

Таков ум, труд и амбиција, се разбира носат пакосно добри резултати. Ете на пример, стариот план за поврзување на Дунав со Вардар преку Морава, па се до Егејеското море, веќе неколку години е реалност. Да, Вардар е пловен. По неговото широко и длабоко корито слободно лизгаат пловни објекти од разни големини и форми. Мојата весела дружина ужива да ги користи сите погодности кои оваа убава македонска река ги нуди, па се решаваме конечно да испловиме по Вардар со една од галиите, кои проектот Скопје 2014 така галантно ни ги остави во наследство. Дами и господа, одиме за Велес.

Зошто токму Велес? Тоа е барем лесно. Велес е градот на нашите духовни татковци, ГЕМИЏИИТЕ. Велес е градот на Рацин, нашиот Вертер, нашиот Гете. А и блиску е. Деновиве, поточно од 1ви до 13ти септември, во Велес се случува еден од најперспективните “Фестивал(и) на Џез, World и Современа музика“ во Македонија, основан од Општина Велес, а реализиран од локалната културна формација Арт Генератор. Ова е втора година за фестивалот, а перспективноста ја гледам адекватно на квалитетот на програмата и здравиот однос кон домашниот, македонски музички талент.

Во време кога многумина опортунистички се потпираат врз зборовите џез, етно, world, современа музика, флоскулизирајќи и банализирајќи ги до бесвест, екипата на Арт Генератор, со веројатно мошне скромни средства, успева втора година по ред да опстои на ставот за вистински квалитетна и прогресивна понуда. Фестивалите со овој тип предзнак, премногу лесно се разводнуваат со просечни и потпросечни артисти, кои за малку внимание и малку пари, се подготвени да силуваат буквално сѐ што мрда со префикс џез, или етно. Овој фестивал не оди по тој пат. Затоа сме во Велес. Дојдете и вие. Блиску е.

Средствата кои се одвојуваат за култура во денешна Македонија се смешни, а особено минорни се оние кои се трошат за пософистицирана програма. Затоа, гласно ги поздравувам обидите на овој велешки фестивал да се донесат што е можно поинтересни гости од “надвор“, а тука особено ќе го издвојам составот Reel Problems од Хрватска, кои ќе настапат на големата сцена во театарот Јордан Хаџи Константинов Џинот, на 1ви септември во 20 часот. Извонреден џез состав.

Основна задача на културните дејци и креатори на програма во Македонија е да се пронајдат, поттикнат и претстават во што е можно подобро светло, вистински квалитетните македонски артисти. Фестивалот на Џез, World и Современа музика го прави токму тоа, втора година по ред. Помеѓу 1ви и 13ти септември, на сцената на фестивалот ќе продефилираат извонредни домашни имиња. Пред се тука мислам на супер составот КЕМ, нашите омилени џез-слемери Aspirin Moon, секогаш одличните Бојан Шамба и Јордан Костов и секако незаобиколниот романтичар Пијан Славеј. Специјален гостин на фестивалот ќе биде познатиот џез музичар од Егејска Македонија/Грција, господинот Дине Донев, кој работи и под името Kostas Theodorou.

Особено ми се допаѓа што музичката програма ќе биде надополнета со настапи на диск џокеи, кои ќе ги заокружат фестивалските вечери со адекватна музика и секако забава. Изборот на организаторот е сјаен: популарниот Бојан Чакра и еден од највозбудливите македонски нови музичари, младиот господин Андреја Салпе. Најтопло препорачувам.

Целокупниот визуелен идентитет на фестивалот оваа година по мене е извонреден, а се должи на трудот на господинот Филип Коруновски, кој меѓу другото ќе обезбеди видео мапинг за сите настани. Арт Генератор истакнуваат дека со овој фестивал имаат за цел да пласираат квалитетни содржини и да придонесат за децентрализација и деметрополизација на културата и уметноста во Македонија. Затоа сметаат дека овој фестивал е од исклучителна важност за Велес и пошироко. Токму на поентата мои дами и господо, прецизно на поентата. Уште да го направиме Вардар пловен. Па ајде да го направиме!

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни