„My Name is Medeja“ на Народниот театар од Битола ја освои наградата за најдобро уметничко остварување на претстава во целина, на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, во Прилеп. Фестивалот завршува денеска со доделување на наградите. Претставата ги освои наградите за најдобра режија на Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога- Илина Чоревска , најдобра музика- Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал- Сашо Илковски.
Претставата на Драмски театар од Скопје „Чудна случка со кучето во ноќта“, во режија на Зоја Бузалковска, исто така, освои пет награди. Дамјан Цветановски имал најдобра главна машка улога, Емилија Мицевска имала најдобра женска епизодна улога. Константин Трпеноски е награден за сценографијата, додека Елена Вангеловска и Раде Василев за најдобра костимографија. Симон Симоновски за кореографија и сценски движења.

Турскиот театар од Скопје за претставата „Човек перница“ освои две награди. За најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ е награден Хакан Даци, а за најдобра машка епизодна улога Дин Ибрахим.
Лидија Митоска-Ѓорѓиевска доби награда за современа сценска драматизација на претставата на Прилепскиот театар „Мистерија Буфо“, а Матеа Јанковска е добитник на наградата за млада актерка во претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, на Театарот за деца и младинци од Скопје.
Фестивалот имаше регионално жири во состав: Јанко Љумовиќ од Црна Гора, Милош Латиновиќ и Мирослав- Мики Радоњиќ од Србија.