Граѓаните кои платиле санкции од системот „Безбеден град“ во банка или по електронски пат не треба дополнително да ги носат потврдите во полициска станица, бидејќи системите на МВР и Министерството за финансии се автоматски поврзани.
Министерството за внатрешни работи ги извести граѓаните дека потврдите за платените санкции од сообраќајниот систем „Безбеден град“, доколку се платени во банка или електронски, нема потреба да се доставуваат во полициска станица.
Од МВР објаснуваат дека нивниот систем е автоматски поврзан со системот на Министерството за финансии, поради што уплатата се евидентира без потреба од дополнително носење потврда.
Притоа, од Министерството нагласуваат дека граѓаните при плаќањето се должни правилно да ја пополнат уплатницата, согласно правната поука наведена во записникот. Тоа значи дека треба точно да го внесат единствениот број од записникот во полето „повикување на број“ и во делот „цел на дознака“.
Од МВР апелираат граѓаните да не ги носат потврдите од платените санкции во полициска станица, со цел да си заштедат време и да се избегнат непотребни гужви.