Секторот за компјутерски криминал при МВР повика 13 лица на службен разговор по бранот дезинформации за наводно загадување на питката вода во Скопје. Сите сослушани граѓани пред полицијата изјавиле дека ги споделиле спорните објави откако ги виделе од други корисници на социјалните мрежи или ги слушнале од трети лица, без притоа да поседуваат каква било потврда или официјален извор за точноста на информациите.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека дигиталната форензика продолжува да го анализира интернет просторот за да го лоцира точниот извор од каде што започнало ширењето на невистинитите тврдења.
Полицијата предупредува дека пласирањето непроверени информации за прашања што директно засегаат јавно здравје предизвикува неоправдан страв и паника кај граѓаните. Од МВР апелираат до јавноста да не се споделуваат непотврдени статуси и граѓаните да се информираат исклучиво преку официјалните институции и надлежните служби.