Search

Горан Кан: Музиката и првиот спот како елегантна покана за танц

Новиот сингл на Горан Кан, ветеранот на македонската електронска денс сцена, има едноставно име: “Е“. Високо квалитетна техно продукција, цврста, но без агресија, елегантна покана за танц. Деновиве, “Е“ доби и супер квалитетен видео спот, сработен високо професионално, што е комплимент за самата композиција. Инаку, Горан Кан е 25 години на сцената и покрај настапите како диџеј се занимава и со филмска музика.

Трн: А, Е, И, О, У – зошто е новата трака „Е“?

Горан Кан:  Рипнав А, многу ми беше некако на прва.

Трн: Од спотот, музиката или видеото?

Горан Кан:  Музиката, зашто јас ја направив.

Трн: Звукот во „Е“ е помек, помелодичен, дали тоа си новиот ти или е нешто друго?

Горан Кан: Искрено, мене овој звук, кога пуштам, ми е околу пикот. Конкретно со „Е“ пробувам да го доближам, не толку агресивното техно, до поширока публика.. Верувам дека сум уште стариот јас, генерално.

Трн: Кој револт го искажуваш преку „Е“?

Горан Кан: Преку „Е“ искажувам љубов. Па нели вика.. Да ме e е е е е… ха ха ха…

Трн: Низ траката се провлекува забавно- комичен текст на Клаберот, но сепак реален, зошто е избрано тоа и која му е функцијата?

Горан Кан: Од секогаш сум сакал да направам нешто со Клаберот, и ете… Функцијата е да придонесе при креирање на чувство дека Тино е во loop.

Трн: Зошто малку спотови правите вие диџеите?

Горан Кан: Има спотови, не знам. Ако нема, се надевам овој спот ќе ги инспирира, инаку да, треба да си правиме спотови.

Трн: Како статисти во спотот се појавуваат диџеи од електронската сцена во Скопје, зошто Флудер, Бодан, Кате, Васо и Чваре?

Горан Кан: Паааа… они всушност имаат и улоги. Пробав да стапам во контакт за ова со Carl Cox, Boris Brejcha, Eric Prydz и Chemical Brothers… ама не успеав да ги договорам, па си ги викнав другарите…

Трн: Колку изданија имаш ти, спотови, траки, албуми?

Горан Кан: Уф,  не знам.. Имав своја издавачка куќа, таму имав неколку изданија и албум. Првата плоча ми беше издадена 2004 година, па до сега, околу 10-15 изданија, и уште два албума за PMG, па музика за неколку филмови (ако се смета и тоа), имам и ремикси правено… Стварно не знам, имам доста. Инаку, ова ми е прво видео за моја ствар.

Трн: Како живее електронската сцена во Скопје, се негува ли уште вистинскиот клабинг?

Горан Кан: Различно е од порано, сменет е клабингот од повеќе причини. Секогаш ќе има места кај што се негува вистински клабинг, некогаш повеќе, некогаш помалце… Но што е вистински клабинг? Денес више не постои underground, така да све е клабинг ако ме прашаш мене… каде меко, каде тврдо…

Трн: Зошто музика за клубови, а не музика за кафани?

Горан Кан: Зошто не кафани? Таму многу алкохол има, не чепкај..

Трн: Ако требаше да запееш која песна ти лежи на срце?

Горан Кан: На срцево имам тетовирано од Трифун Костовски… дека на срце.

Трн: Во кој филмски жанр би го ставил твоето музичко творештво?

Горан Кан: Ако збориме за техното, хммм… во хорор. Затоа што техно не е за п**ки…

Трн: Ако не беше денес тука, во која епоха ќе живееше и дали и таму ќе беше диџеј?

Горан Кан:  Ренесанса. Се сомневам дека ќе бев диџеј.

Трн: Со кој продуцент сакаш да издадеш трака?

Горан Кан: Искрено немам посебна желба да направам нешто со некој продуцент. Попрво би со некој бенд или рапер што нема врска со електроника, па да се добие нешто забегано.

Трн: Друго, за крај?

Горан Кан: Прашањава ме дочекаа ден после промоција, и така малку сум изморен, а не ми работат копчињата Н, Ѓ и Б на тастатурата и морав да ги копирам цело време… Ете, тоа е друго. Фала…

Најново

Последни колумни