Ако мислите дека винил плочите најмногу се продаваа во седумдесеттите, а потоа нивната бараност падна засекогаш, денешната продажба покажува сосема спротивно. Од колекционери и визионери, до обични луѓе што сакаат музиката повторно да ја држат во рака, продажбата на физички формати повторно расте. Во САД, 1978 се води како пик-година за винилот, но речиси половина век подоцна форматот не само што не исчезна, туку во 2024 донесе околу 1,4 милијарди долари и трета година по ред продаде повеќе албуми од ЦД-а: 44 милиони винил-албуми наспроти 33 милиони ЦД-а.
Тоа е веројатно најинтересниот парадокс на денешната музичка индустрија. Никогаш немавме повеќе стриминг, повеќе платформи и повеќе музика на еден клик, а сепак сè повеќе луѓе повторно купуваат нешто што бара место на полица, грамофон, плеер и малку трпение. Во Велика Британија, во 2024 се продадоа 6,7 милиони винил-албуми, што е највисоко ниво во последниве три децении, а вкупната продажба на физички албуми, вклучувајќи винил, ЦД и касети, порасна на 17,4 милиони примероци, прв годишен раст од 1994 наваму.
Ова враќање не е само ретро-фетиш. Да, има луѓе што сакаат омоти, мирис на картон и звук што крцка. Но има и нешто подлабоко: замор од бескрајната дигитална достапност. На стриминг, музиката е постојано тука, но токму затоа лесно станува занемарлиа. За разлика од тоа, плочата, касетата и ЦД-то бараат мал ритуал. Мораш да избереш, да пуштиш, да останеш со албумот малку подолго. Во време кога сè се прескокнува, физичкиот формат му враќа тежина на слушањето. А тоа, очигледно, повторно станува привлечно.
Ниту ЦД-то не е толку мртво колку што често се претставува. Во САД, приходите од ЦД-а во 2024 пораснаа за 1 процент и стигнаа до 541 милион долари. Во Британија, листата на најпродавани ЦД-а за 2024 ја предводеше „Moon Music“ на Coldplay, пред „The Tortured Poets Department“ на Taylor Swift и „Short N’ Sweet“ на Sabrina Carpenter. Тоа значи дека компакт-дискот и понатаму живее како поевтин, подостапен и за многумина поинтимен физички формат: доволно опиплив за да го поседуваш, а доволно едноставен за да не бара цела нова опрема и естетика.


Касетите се најмалиот играч во ова враќање, но веројатно и најшармантниот. Тие не носат големи индустриски бројки како винилот, но носат култен статус и чудна, речиси инаетлива привлечност. На британската листа за 2024, најпродаван касетен албум беше „Short N’ Sweet“ на Sabrina Carpenter, додека најпродаван касетен сингл беше „Training Season“ на Dua Lipa. На истите листи се појавуваат и Taylor Swift, Billie Eilish и Kylie Minogue, што покажува дека касетата не преживува само како носталгија за осумдесеттите, туку и како модерен фан-предмет во поп-културата.


Тука некаде влегува и клучниот збор на новата музичка економија: суперфанови. Тоа се луѓе што не сакаат само да ја слушаат музиката, туку и да ја имаат, да ја изложат, да ја подарат, да ја соберат во повеќе верзии. Албумот веќе не е само колекција песни. Тој е боја на винил, специјален омот, ограничено издание, потпис, парче идентитет. Затоа не е случајно што Taylor Swift и денес е еден од најсилните симболи на физичката продажба: нејзиниот „The Tortured Poets Department“ постави рекорд за најголема продажна недела за винил-албум во модерната ера во САД.
А кога веќе зборуваме за физички формати, вреди да се потсетиме и на албумите што одамна станаа поголеми од самиот медиум. Кога станува збор за винилот, меѓу изданијата што со децении важат за најпродавани, најреиздавани и најпосакувани се „Thriller“ од Michael Jackson, „Rumours“ од Fleetwood Mac, „The Dark Side of the Moon“ од Pink Floyd, „Back in Black“ од AC/DC и „Hotel California“ од Eagles. Тоа се албуми што не останаа само музички класици, туку станаа и трајни симболи на домашните колекции, на полиците, во продавниците и во културата на слушање музика како ритуал, а не како случаен клик.



За ЦД-ерата, пак, еден од најсимболичните албуми останува „Brothers in Arms“ на Dire Straits, често посочуван како едно од изданијата што му дадоа масовен замав на компакт-дискот во осумдесеттите. Подоцна дојдоа и други големи CD-гиганти, од „The Bodyguard“ до „Come On Over“ и „1“ на The Beatles, албуми што се продаваа во милиони токму во време кога ЦД-то беше врв на музичката технологија. Денес, кога тој формат делува речиси старомодно, неговото враќање носи и мала иронија: тоа што некогаш беше симбол на иднината, сега изгледа речиси романтично.


И можеби токму тука е поентата на целата приказна. Луѓетп не се враќаат на плочи, касети и ЦД-а затоа што сакаат да живеат во минатото. Напротив. Се враќаат затоа што сакаат музиката повторно да има форма, тежина и момент. Во свет во кој сè е достапно, највредно станува токму она што бара избор и внимание. Стримингот ни ја даде музиката веднаш. Физичките формати ни го враќаат чувството дека таа навистина е наша