Во организација на НУ ЦК „Ацо Шопов“ – Штип, на 22 април во Спомен собата на установата се одржа манифестацијата „Во чест на поетот“, посветена на Ацо Шопов, по повод 44 години од неговата смрт. Настанот беше посветен на животот и творештвото на еден од најзначајните македонски поети и имаше цел да придонесе кон негување и афирмација на неговото литературно наследство.
Во рамки на манифестацијата беа доделени признанија за посебен придонес во афирмацијата и популаризацијата на ликот и делото на Ацо Шопов на Божин Павловски, како и на ревијата за литература, култура и уметност „Стожер“ при Друштвото на писателите на Македонија.
Ученици од СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ од Штип читаа поезија од Шопов, додека академик Божин Павловски говореше за животот, делото и значењето на поетот. За творештвото на Павловски се осврна Блаже Милевски, а главната и одговорна уредничка на ревијата „Стожер“, Марина Мијаковска, зборуваше за триесетгодишното постоење на оваа ревија на ДПМ.
Настанот заврши со доделување признанија за особен придонес во афирмацијата и популаризацијата на ликот и делото на Ацо Шопов.