Македонската радио-телевизија официјално го потврди враќањето на изборот за песна на Евровизија 2027 година по петгодишна пауза. Земјата ќе настапи на 71-то издание на фестивалот што ќе се одржи во Бургас, Бугарија. Раководството на јавниот сервис најави целосен прекин на досегашниот затворен систем на интерни одлуки и најави модел во кој публиката ќе има јасен увид како и зошто се избира претставникот.
Директорот на МРТ, Зоран Ристоски, најави дека заминува во историјата практиката на избор зад затворени врати. Според него, јавниот сервис воведува нови правила кои треба да обезбедат целосна јавност при одлучувањето.
„Завршува практиката на нетранспарентен избор. Јавноста ќе знае како и зошто е избран тој што ќе ги брани македонските бои“, изјави Ристоски за промените.
Точните технички детали околу форматот на гласање и пријавување на песните националниот сервис ќе ги објави дополнително.
Одлуката за камбек доаѓа по преговори со Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Јавниот сервис обезбедил поддршка од европската организација за промоција на македонската музика, но и значително поповолни финансиски услови за учество.
Трошоците за котизација и продукција со години беа главниот аргумент зошто земјата се повлече од сцената. Со новиот пакет, МРТ тврди дека финансискиот товар врз буџетот на јавниот сервис е сведен на одржливо ниво.
Тимот што ќе ја води македонската делегација во Бургас е веќе формиран. На чело на проектот ќе застанат Јана Бурческа и Александра Јовановска, долгогодишни соработници и познавачи на евровизиската сцена.
Последното македонско учество на Евровизија беше во 2022 година во Торино, кога земјата не успеа да се пласира во финалето. По пет години пауза, организаторите на фестивалот преку своите официјални канали веќе упатија добредојде за враќањето на македонската радио-телевизија во евровизиското семејство.