Тринаесетгодишно момче почина по убод од најотровната медуза во светот

Трагедијата се случила на плажа во јужен Тајланд, каде момчето било убодено од морската оса – една од најопасните медузи на планетата.

Тринаесетгодишно момче го загубило животот откако било убодено од морска оса (Chironex fleckeri) додека се капело на плажа во јужен Тајланд. Инцидентот се случил на плажата Бан Фаи Та во провинцијата Након Си Тамарат.

Според локалните власти, момчето дошло во контакт со медузата додека пливало. И покрај брзата прва помош и лекарската интервенција, силниот отров предизвикал откажување на виталните функции и момчето починало.

Морската оса се смета за една од најотровните морски животни во светот. Нејзините пипала се покриени со илјадници жарни клетки кои испуштаат токсин што делува врз срцето, нервниот систем и кожата. Во најтешките случаи, убодот може да биде смртоносен за само неколку минути.

Ова не е прв ваков трагичен случај во Тајланд. Во изминатите години биле регистрирани повеќе смртни случаи на туристи на островите Кох Самуи и Кох Панган.

Надлежните служби повторно апелираат до туристите и капачите внимателно да ги следат предупредувањата на плажите, особено во периодите кога има зголемена појава на опасни медузи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс