По повод една година од своето постоење, „Монотон“ – единствената македонска платформа посветена на рецензии и промоција на авангардна и независна музика – организира роденденски настан кој ќе се одржи на 25 јуни (четврток) во просторот „Ла Кања“, со почеток во 21:00 часот.
Настанот ќе започне со импровизиран музички перформанс на Дарио Циевски (Vagina Corporation, Кокиче, Galactic Efendi) на тапани, во соработка со Максимилијан Сарајлија (modem priest) на модуларен синтисајзер. Двајцата музичари претходно настапувале заедно на 25-то издание на „Џез за Чудаци“, каде нивната заедничка импровизација оставила силен впечаток кај публиката.
Вечерта ќе продолжи со настап на проектот „Член16 – плод на сомнежот, траумата, надежта и поделбата“, кој комбинира сурови емоции, експериментален звук и тематски наративи инспирирани од лични и општествени состојби. Проектот го сочинуваат Марко Печеновиќ (Харакири, Cut Your Nipple) на вокали и бас, Лука Јанкулоски (пор. Кем) на синтисајзер и вокали и Благојче Ацески (Diattic, Sioto Jazz) на тапани.
За време на целиот настан, „Партизанска штампа“ ќе изведува живо печатење на маици, при што посетителите ќе имаат можност да донесат сопствена маица или торба за персонализирано принтање на лице место.
Настанот се најавува како спој на музичка експериментација, DIY култура и уметничка интеракција со публиката, со што „Монотон“ ја заокружува својата прва година активност на алтернативната сцена во Македонија.