„Rio“ – песната што го претвори Duran Duran во глобален феномен

Во новото издание на #MondayDance се потсетуваме на „Rio“, еден од најпознатите хитови на Duran Duran, песната што го дефинираше духот на осумдесеттите и MTV ерата.

Ако постои песна што го доловува духот на осумдесеттите, тогаш тоа е „Rio“. Објавена во 1982 година како насловна песна од вториот албум на Duran Duran, таа и денес останува еден од нивните најпрепознатливи хитови.

Интересно е што „Rio“ всушност не е песна за бразилскиот град Рио де Жанеиро. Басистот Џон Тејлор првично го замислил насловот како симбол на егзотика, авантура и место каде забавата никогаш не завршува. Потоа, вокалистот Сајмон Ле Бон ја претворил идејата во лик – мистериозна девојка по име Рио, инспирирана од келнерка што ја забележал во еден ресторан.

Но, можеби уште поважно од самата песна е видеото. Снимено на островот Антигва, со јахта, тиркизно море, свилени костуми и сончеви плажи, видеото за „Rio“ стана едно од најиконичните во историјата на MTV и помогна Duran Duran да станат едни од првите светски музички ѕвезди на музичката телевизија. Многумина и денес го сметаат за видео што совршено го дефинира визуелниот стил на осумдесеттите.

Албумот „Rio“ остана повеќе од две години на британските топ-листи и се смета за едно од највлијателните поп изданија на својата генерација. Токму со него Duran Duran станаа едно од заштитните лица на таканаречената „Втора британска инвазија“ во САД.

А додека ја слушате „Rio“ во денешното издание на #MondayDance, потсетуваме дека на 2 јули Duran Duran ќе настапат во Скопје, а на Трн веќе можете да го прочитате нашето ексклузивно интервју со легендарниот бенд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс