Duran Duran: „Публиката во Скопје е нешто посебно“

Имаме настапувано во Македонија само еднаш, пред повеќе од десет години, во 2012 година. Но сè уште се сеќаваме колку беше прекрасна таа вечер, публиката беше фантастична. Се чувствуваше дека тоа значи многу за нив, исто како и за нас.

Легендарниот британски бенд Duran Duran повторно се враќа на европските сцени, а во рамки на летната турнеја 2026 ќе настапи и во Македонија, земја во која последен пат свиреа пред повеќе од една деценија. Во интервјуто, членовите на бендот се навраќаат на спомените од тој настап, ја објаснуваат врската со публиката која ги следи уште од 80-тите, но и зборуваат за новата генерација фанови што ги открива преку дигиталните платформи.

Покрај носталгијата и концертните очекувања, Duran Duran откриваат како по 46 години кариера сè уште остануваат активни, инспирирани и креативни, од нови музички изданија и соработки, до размислувања за улогата на музиката во ерата на TikTok, стилот како заштитен знак на бендот и идните планови по турнејата.

Трн: Што ја поттикна одлуката Македонија да биде дел од летната турнеа 2026?

Џон: Имаме настапувано во Македонија само еднаш, пред повеќе од десет години, во 2012 година. Но сè уште се сеќаваме колку беше прекрасна таа вечер, публиката беше фантастична. Се чувствуваше дека тоа значи многу за нив, исто како и за нас. Сакавме повторно да се вратиме и лично да бидеме со нашите македонски фанови и да им го дадеме шоуто што го заслужуваат.

Трн: Дел од публиката во Скопје најверојатно ќе биде генерација што ве следи од 80-тите…

Сајмон: Да бидеш дел од нечии живот е нешто многу посебно и никогаш не го земаме здраво за готово. Имавме успех во сите четири децении од нашата кариера, што значи дека имаме многу разновидна публика, од оние што пораснаа со нас во 80-тите, до нови фанови што нè открија преку песната Invisible, која стана вирална во гејмерската заедница на TikTok. Кога настапуваме, даваме сè од себе за сите генерации. За нас секој концерт е длабоко личен.

Трн: По 46 години, што ве држи заедно на сцена?

Роџер: Неверојатно е што поминало толку време! Да се биде на тој пат како музичари и како луѓе е нешто низ кое сме имале среќа да растеме заедно. Сè уште настапуваме затоа што го сакаме тоа. Никогаш не го земаме здраво за готово што и понатаму снимаме музика, работиме на инспиративни проекти и настапуваме пред неверојатна публика. Сè додека постои публика,ние ќе бидеме на сцена.

Трн: Каква музика создавате денес и за кого?

Сајмон: Нашиот најнов сингл Free To Love е соработка со нашиот пријател Нил Роџерс, кој му даде свој препознатлив грув. Тоа е диско за 2020-тите, брзо, енергично и со заразен ритам.

Џон: Ние секогаш се трудиме да создадеме простор на концертите каде сите се добредојдени и старите фанови и новите. Една песна може да значи различни нешта за различни луѓе. Free To Love носи универзална порака: храброст да бидеш слободен и да го избереш љубовта наместо омразата.

Трн: Дали стилот сè уште е ваш заштитен знак?

Ник: Естетиката отсекогаш била дел од нашиот идентитет. Откако ќе ја создадеме музиката, градиме визуелен свет околу неа. Уште од почетокот ги сакавме модата, уметноста, филмот и технологијата. Сè се развива органски од музиката.

„Новоромантичарскиот“ изглед беше повеќе медиумска етикета отколку реалност. Но стилот секогаш се менува и најважно е да го задржиш својот индивидуален израз. Модата постојано се враќа, но најважно е да се забавуваш со тоа што го носиш.

Трн: MTV тогаш и TikTok денес?

Џон: MTV беше вистинска револуција за нас. Бевме возбудени од новиот начин на визуелно раскажување приказни. Снимавме видеа во Шри Ланка и Антигва кои станаа култни.

Ник: Дигиталната револуција донесе огромни промени. Бевме меѓу првите што продадоа дигитална песна на интернет (Electric Barbarella, 1997). Денес TikTok носи нови можности — иако вниманието е пократко, пристапот до музика е поголем од кога било. Треба да се прифати иднината, не да се жали минатото.

Трн: Планови по турнејата?

Роџер: Ќе имаме нови настапи подоцна оваа година, вклучувајќи го и нашиот традиционален Halloween шоу. Работиме на недовршениот албум Reportage. И секогаш има нешто ново и неочекувано кај Duran Duran,вклучувајќи и голем проект во денс музиката, но засега не можеме повеќе да откриеме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс