Утрото на 21 август 1911 година, во Лувр се случило нешто што изгледало невозможно – „Мона Лиза“ едноставно исчезнала од ѕидот. Настанала паника, весниците со недели пишувале за најголемата кражба на уметничко дело, а полицијата започнала потрага која ќе трае повеќе од две години. На крајот се покажало дека зад кражбата стои Винченцо Перуџа, италијански работник кој претходно работел во Лувр. Самото исчезнување, според Лувр, дополнително ја зголемило славата на сликата.
Како можело да исчезне најпознатото дело на Леонардо?
Кражбата била изведена речиси неверојатно едноставно. Перуџа, кој работел на заштитните стакла во музејот, ја знаел поставеноста на Лувр. Според реконструкцијата на музејот, тој во музејот останал по затворањето, а следното утро ја симнал сликата и успеал да излезе без да биде забележан.
Дури на 22 август било сфатено дека „Мона Лиза“ не е таму. Отпрвин некои помислиле дека сликата е тргната за фотографирање или одржување. Но, набргу станало јасно дека е украдена.
Истрага што го потресе Париз
Кражбата предизвикала огромен медиумски интерес. Полицијата започнала истрага, а меѓу осомничените се нашле и познати имиња од парискиот уметнички свет.
Дури и Пабло Пикасо бил испрашуван во рамките на истрагата, а поетот Гијом Аполинер бил уапсен и поминал една недела во затвор поради сомнеж за поврзаност со кражбата. Подоцна било утврдено дека тие не биле вмешани.
Две години „Мона Лиза“ била скриена во Италија
Перуџа ја чувал сликата скриена повеќе од две години. Неговиот мотив бил поврзан со идејата дека делото треба да биде „вратено“ во Италија, иако историски „Мона Лиза“ во француските кралски колекции стигнала уште во времето на Франсоа I. Во декември 1913 година, Перуџа се обидел да ја продаде сликата на италијанскиот трговец со уметнички дела Алфредо Гери во Фиренца. Гери веднаш ги известил властите и „Мона Лиза“ била пронајдена.
Кражбата можеби ја направила легенда
Тука е најинтересниот парадокс во целата приказна. „Мона Лиза“ била ценето дело и пред 1911 година, но кражбата ја претворила во светска сензација. Весниците секојдневно пишувале за исчезнатата слика, нејзината фотографија се појавувала низ медиумите, а јавноста почнала масовно да се интересира за портретот на Леонардо. И самиот Лувр денес признава дека по кражбата и враќањето во музејот славата на „Мона Лиза“ станала уште поголема.
Се вратила како светска ѕвезда
По пронаоѓањето, „Мона Лиза“ била изложена во Италија, а потоа била вратена во Лувр на 4 јануари 1914 година, каде била пречекана како национална сензација. Денес портретот на Лиза Герардини, сопругата на флорентинскиот трговец Франческо дел Џокондо, е едно од најпознатите уметнички дела во светот. Лувр ја опишува како најпознатиот портрет на светот. Можеби најпознатата кражба на едно уметничко дело не ја уништила неговата вредност ,туку му помогнала да стане глобална икона.