Момче од Македонија при пад од тобоган во Бодрум добило скршеница на еден од вратните пршлени.
Детето е хоспитализирано во Турција, но поради сериозноста на повредата не може да биде пренесено со редовен патнички лет или со копнен превоз, па поради тоа во Македонија ќе биде донесено со владиниот авион.
Во тек се последните подготовки за транспортот, откако родителите побарале помош од надлежните институции во Македонија за безбедно враќање на нивното дете.
За превозот ќе се користи владиниот авион, а со момчето ќе патува медицински тим кој ќе ја следи неговата состојба за време на летот. Турските здравствени власти одобриле транспорт по воздушен пат наместо со медицинско возило.
По пристигнувањето во Македонија, момчето ќе го продолжи лекувањето во домашна здравствена установа.