МОК и Општина Кичево најавија соработка за спортската инфраструктура и младите таленти

На работната средба во Кичево биле договорени активности за унапредување на спортската инфраструктура, поддршка на младите таленти и обука за спортска администрација.

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, членот на Управниот одбор на МОК, Сашо Димитриоски, и градоначалникот на Општина Кичево, д-р Александар Јовановски, вчера во Кичево одржаа работна средба посветена на унапредување на локалната спортска инфраструктура и системска поддршка на младите спортисти преку ресурсите на МОК.

Еден од клучните столбови на оваа соработка е имплементацијата на олимписките програми за идентификација и селекција на млади таленти. Со директна помош од МОК, Општина Кичево ќе воспостави методологија за рано препознавање на спортскиот потенцијал кај младите, овозможувајќи им пристап до врвна стручна работа и стипендирање.

Целта, според најавите, е Кичево да стане расадник на нови олимпијци кои достоинствено ќе ја претставуваат државата на меѓународната олимписка сцена.

Посебен акцент на средбата бил ставен и на унапредувањето на спортската инфраструктура, при што како значаен потенцијал бил посочен спортскиот комплекс „Крушино“. Претседателот Димевски нагласил дека Кичево, со својата богата традиција, заслужува да биде дел од капиталните олимписки проекти што ќе ги трансформираат постојните капацитети во современи центри за подготовка на спортисти.

На средбата било договорено и организирање специјализирана обука за спортска администрација под покровителство на МОК. Со оваа професионализација на човечките и материјалните ресурси, Кичево треба да добие кадар способен за врвни достигнувања.

Градоначалникот Јовановски изразил благодарност до претседателот Димевски за отворената поддршка и оценил дека оваа соработка е од историско значење за кичевскиот спорт. Од своја страна, Димевски потврдил дека МОК останува силно посветен на развојот на олимпизмот на локално ниво и на градењето здрава иднина за младите генерации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни