Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, во писмена изјава порача дека земјата ќе ги штити своите нуклеарни и ракетни капацитети како национално богатство.
„Деведесет милиони горди Иранци, во земјата и надвор од неа, ги сметаат сите научни, индустриски и технолошки достигнувања – од нанотехнологија и биотехнологија до нуклеарни и ракетни капацитети – за национална имовина и ќе ги штитат како што ги штитат водата, земјата и воздушниот простор“, се наведува во изјавата прочитана на државната телевизија.
Во меѓувреме, претседателот на САД, Доналд Трамп, инсистира дека Иран не смее да има ниту нуклеарна програма ниту програма за балистички ракети.
Хамнеи не се појавува во јавноста откако беше ранет во воздушен напад на 28 февруари, на почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран, и оттогаш комуницира преку писмени изјави и официјални канали. Во истиот напад беше убиен неговиот татко, поранешниот врховен лидер Али Хамнеи, заедно со повеќе високи ирански функционери.
Доналд Трамп во неколку наврати изјави дека не е јасно кој ги носи одлуките во Иран, бидејќи Хамнеи не се појавува во јавноста.