Младите во Франција протестираат против образовниот систем: Зошто училишниот притисок станува прашање на менталното здравје?

Десетици илјади средношколци и студенти бараат подобри услови за образование, помалку притисок и реформи во системот за упис на факултет. Истражувањата покажуваат дека психолошките тешкотии кај младите се зголемуваат, а девојчињата се особено погодени.
epa13277368 A pedestrian walks past damage in the aftermath of clashes occurred between riot police and demonstrators during a high school students' protest against education conditions in Paris, France, 02 October 2026. EPA/Firas Abdullah

„Ноќта е за сонување, а не за учење“ – пораката на транспарент што го носеа средношколци на протест во Париз во октомври 2026 година ја сумира фрустрацијата на една генерација која бара образование што нема да го жртвува нејзиното психолошко здравје.

Од средината на септември, десетици илјади средношколци и студенти протестираат низ Франција, барајќи повеќе наставници како замена за отсутните, распоред што подобро одговара на потребите на учениците, одржувани училишни згради и промени во „Паркурсуп“ – националниот систем за упис на додипломски студии.

Протестите ги отвораат и прашањата за социјалните нееднаквости во средното и високото образование. Младите укажуваат на постојан притисок, неизвесност околу продолжувањето на образованието и услови за учење што не секогаш го поддржуваат нивното психолошко здравје.

Но, дали истражувањата ја потврдуваат нивната загриженост? И колку образовната средина придонесува за влошувањето на менталното здравје кај младите?

Психолошките тешкотии се забележуваат уште во основно училиште

Од почетокот на 21 век, менталното здравје на адолесцентите во Франција се следи преку меѓународните истражувања за здравственото однесување на училишните деца (ХБСЦ) и Европското истражување за употребата на алкохол и други дроги кај учениците (ЕСПАД), како и преку националното истражување „ЕнКлас“, кое се спроведува од 2018 година.

Резултатите од овие истражувања постојано укажуваат на високо ниво на психолошки тешкотии кај младите.

Адолесценцијата е период на интензивни емоционални, физички и социјални промени, па одредени психолошки тешкотии не се невообичаени. Но, податоците од истражувањето „ЕнКлас“ укажуваат на неповолен тренд што дополнително се забрзал за време на пандемијата на ковид-19.

За време на ограничувањата, кај населението биле забележани зголемена анксиозност и депресивни симптоми. По завршувањето на пандемијата, кај возрасните овие симптоми во голема мера се вратиле на вообичаеното ниво, додека кај младите не бил забележан ист таков повраток.

Според најновите податоци од истражувањето „ЕнКлас“, собрани во 2024 година, 45 отсто од учениците во средните одделенија на основното образование пријавиле барем една психолошка тешкотија – депресивност, раздразливост или нервоза – повеќе од еднаш неделно во период од најмалку шест месеци.

Од нив, 32 отсто пријавиле нервоза, 29 отсто раздразливост, а 21 отсто депресивни чувства.

Овие тешкотии се почести кај девојчињата отколку кај момчињата и се зголемуваат со возраста. Кај момчињата, нивото на психолошка вознемиреност во некои показатели е малку пониско отколку во истражувањето од 2022 година.

Кај средношколците, состојбата е позагрижувачка. Според наведените податоци, 19 отсто покажуваат значителна склоност кон депресивни симптоми, 20 отсто изјавиле дека имале самоубиствени мисли во претходните 12 месеци, а 15 отсто дека во одреден момент од животот се обиделе да извршат самоубиство.

Младите на возраст од 18 до 29 години се особено погодени

Психолошките тешкотии не завршуваат нужно со средното образование. Податоците од францускиот национален барометар за јавно здравје, спроведен од „Санте публик Франс“, покажуваат дека во 2024 година младите на возраст од 18 до 29 години биле возрасната група најпогодена од тешки депресивни епизоди.

Едно од пет лица во оваа возрасна група, односно 21 отсто, пријавило депресивна епизода во текот на 12-те месеци пред истражувањето. Речиси седум отсто имале тешка депресивна епизода.Генерализираното анксиозно растројство, исто така, било почесто кај младите од 18 до 29 години отколку кај другите возрасни групи, со застапеност од осум отсто.

Во истата возрасна група, 8,6 отсто пријавиле самоубиствени мисли во текот на претходната година, додека 6,7 отсто изјавиле дека во одреден момент од животот се обиделе да извршат самоубиство. Последниот податок е особено значаен бидејќи стапките на обиди за самоубиство вообичаено се разгледуваат и во однос на возраста и животното искуство. Авторите посочуваат дека резултатот може да укажува на повеќе можни фактори: младите можеби полесно се сеќаваат и зборуваат за таквите искуства, но можно е да постои и генерациска разлика.

За да се потврди дали младите родени во раните 2000-ти навистина се соочуваат со поголем ризик од претходните генерации, потребни се подолгорочни истражувања. Меѓу можните фактори се влошеното ментално здравје, зголемената сиромаштија и влијанието на содржините што се шират на социјалните мрежи.

Влошувањето продолжува и по пандемијата

Податоците за младите што бараат медицинска помош ја потврдуваат загриженоста за нивното ментално здравје. Според „Санте публик Франс“, во 2024 година девојчињата на возраст од 11 до 17 години и младите од 18 до 24 години, независно од полот, биле меѓу групите што почесто биле примани во одделенијата за итна медицинска помош поради самоповредување, вклучително и обиди за самоубиство.

Нивото на ваквите приеми останало релативно стабилно од 2021 година, но стапката на хоспитализации поради самоповредување во 2024 година била повисока отколку во претходните три години. Особено високи стапки биле забележани кај девојчињата на возраст од 11 до 17 години и кај младите од 18 до 24 години од двата пола.

Повеќе од пет години по завршувањето на пандемијата, психолошките тешкотии кај адолесцентите и младите возрасни во Франција остануваат на високо ниво. Слични трендови се забележуваат и во други земји.

Во поширокиот контекст се и војните во Украина и на Блискиот Исток, климатските промени и содржините што секојдневно циркулираат на социјалните мрежи. Сите тие можат да придонесат за чувството на несигурност и вознемиреност, иако нивниот поединечен придонес не може едноставно да се измери.

Важен фактор може да бидат и растечките социјални нееднаквости. Во Франција, стапката на сиромаштија се зголемила од 14 отсто од населението во 2016 година на 15,4 отсто во 2024 година – највисоко ниво во последните 30 години, според податоците наведени во анализата. Околу 30 отсто од луѓето во еднородителските семејства се погодени од сиромаштија, а во такви семејства расте приближно четвртина од адолесцентите во земјата.

Притисокот во училиштата и стравот од иднината

Покрај пошироките општествени и економски фактори, значајно е и прашањето каква улога има самата образовна средина. Во Франција, учениците редовно го посочуваат стресот поврзан со „Паркурсуп“, системот преку кој се поднесуваат пријави за упис на високообразовни установи, врз основа на резултатите од завршните години на средното образование.

Притисокот околу оценките и идната академска или професионална кариера може да го зголеми ризикот од анксиозни и депресивни симптоми. Но, меѓународните податоци покажуваат и посложена слика: француските ученици не се нужно оние што пријавуваат највисок притисок во споредба со врсниците во другите земји. Сепак, во последните години кај нив, особено кај девојчињата, се забележува неповолен тренд.

Во 2014 година, 40 отсто од 15-годишните девојчиња во Франција изјавиле дека чувствуваат висок притисок поврзан со училиштето. Осум години подоцна, во 2022 година, уделот достигнал 60 отсто. Притисокот може да произлегува од обемот на наставната програма, начинот на оценување и условите за учење, но и од тоа дали учениците ја добиваат потребната поддршка од наставниците.

Француските тинејџери пријавуваат и пониско ниво на доверба во поддршката од наставниците. Само 35 отсто од 15-годишните ученици велат дека наставниците ги поддржуваат, во споредба со просекот од 42 отсто. Во однос на поддршката од врсниците, 48 отсто од француските ученици велат дека ја чувствуваат, наспроти меѓународниот просек од 53 отсто.

Резултатите од истражувањето ПИСА, кое ги следи образовните постигнувања на учениците, укажуваат на слични проблеми. Во 2022 година, 18 отсто од 15-годишните ученици во Франција изјавиле дека наставниците не се заинтересирани за постигнувањата на секој ученик поединечно, во споредба со просекот од 11 отсто.

Половина од француските ученици се пожалиле и на бучава и немир во училницата. Франција е меѓу земјите во кои учениците почесто покажуваат помала самодоверба и страв од неуспех. Овие резултати се совпаѓаат со зголемувањето на бројот на ученици во одделенијата во општите и технолошките средни училишта, како и на факултетите. Просечниот број ученици во одделение се зголемил од 27 во 1990 година на повеќе од 30 во 2023 година.

Реформите и недостигот од ресурси го менуваат искуството на учениците

Влијанието на реформата на матурата од 2018 година, исто така, треба да се истражи. Со укинувањето на одредени насоки и воведувањето поиндивидуализирани образовни патеки, можно е да се измениле и односите меѓу учениците: некои од нив се распоредуваат во различни групи, што може да го отежни создавањето чувство на припадност и добивањето поддршка од врсниците.

Ова засега е хипотеза што треба да биде проверена со дополнителни истражувања, а не конечен заклучок за последиците од реформата.

Притисокот произлегува и од неизвесноста околу тоа што следува по средното образование. Во 2024 година, речиси осум од десет ученици што ја положиле матурата продолжиле со високо образование. Но, само околу 35 отсто од студентите запишани на додипломски студии дипломираат во рок од три години, додека 55 отсто го напуштаат универзитетот без диплома.

За споредба, во Европската Унија овие удели изнесуваат околу 45 и 40 отсто. Разликата може дополнително да ја засили неизвесноста кај младите што се обидуваат да ја планираат својата иднина.

Франција вложува просечно околу 15.000 американски долари, односно приближно 13.500 евра, по ученик во текот на образованието, што одговара на околу пет отсто од бруто-домашниот производ. Тоа е споредливо со просекот на земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Сепак, вложувањата во високото образование останале релативно непроменети меѓу 2015 и 2022 година, додека бројот на студенти се зголемил за 20 отсто. Уделот на јавното финансирање во високото образование се намалил од 80 отсто во 2015 година на 75 отсто во 2022 година.

Овој релативен пад на ресурсите во однос на растечкиот број ученици и студенти може да придонесе за влошување на условите за учење. Меѓу проблемите се недостигот од наставници и нивни замени, потешкотиите да се привлечат кандидати за наставничката професија, ангажирањето договорни наставници со недоволна обука и недостигот од места на факултетите за сите матуранти што сакаат да продолжат со студии.

Менталното здравје не може да се одвои од условите за образование

Менталното здравје на младите е поврзано со средината во која растат – физичката, дигиталната, семејната и образовната. Училиштето не е единствената причина за психолошките тешкотии, но несомнено влијае врз секојдневното искуство на учениците, нивото на стрес и чувството на неправда или несигурност.

Затоа барањата на младите во Франција не треба да се гледаат само како протест против распоредите, наставните програми или системот за упис на факултет. Тие отвораат поширока дебата за тоа какво образование им е потребно на младите и колкава одговорност имаат институциите за создавање услови во кои можат да учат без постојано да бидат изложени на прекумерен притисок.

Причините поради кои средношколците денес излегуваат на улица можеби делумно се исти со оние што придонесуваат за влошувањето на нивното ментално здравје: стресот, недоволната поддршка, неизвесноста и чувството дека системот не одговара на нивните потреби.


Податоците не докажуваат дека образовниот систем самостојно го предизвикува влошувањето на менталното здравје. Но, укажуваат дека условите во училиштата и на универзитетите мора да бидат дел од решението, заедно со пошироките мерки за намалување на нееднаквоста и подобрување на пристапот до психолошка поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс