Младите од Западен Балкан им одржаа лекција на политичарите

Во Будва заврши Форумот на млади од Западен Балкан 2026, на кој повеќе од 100 млади од регионот испратија јасна порака: соработката не смее да остане само политичка фраза, туку мора да стане секојдневна практика во институциите, образованието и јавните политики.
Foto: RYCO

Во регион каде политичарите често зборуваат за соработка, но ретко ја претвораат во доверба, повеќе од 100 млади од Западен Балкан во Будва покажаа дека дијалогот може да изгледа поинаку. Не како протоколарна средба, туку како заедничка работа, слушање и создавање препораки што треба да стигнат до процесите каде се носат одлуки.

Форумот на млади од Западен Балкан 2026 заврши по четири дена дискусии, работни групи и размена на искуства меѓу учесници од регионот. Настанот беше организиран од Регионалната канцеларија за младинска соработка, РИКО, во соработка со Владата на Црна Гора, во рамки на црногорското претседавање со Берлинскиот процес.

Главната порака од Будва беше едноставна, но политички силна: младите не сакаат да бидат публика во процесите што ја одредуваат нивната иднина. Тие бараат место на масата, не само како банална афирмација, туку како вистински партнери. Форумот покажа дека соработката е возможна секогаш кога постои волја за неа, а младите од регионот докажаа дека градењето доверба може да биде многу полесно отколку што често изгледа во политичките говори.

„Политичарите не треба да работат само за младите, туку со нив“, порача претставничката од Македонија, Зорана Антовска, нагласувајќи дека младите во регионот треба да бидат гледани како дел од тимот, а не како луѓе што стојат од другата страна.

Форумот не беше само простор за формални говори, туку и за директна размена меѓу младите и луѓе кои учествуваат во креирањето политики, водат институции, работат во меѓународни организации, граѓанскиот сектор, бизнис-заедницата и претприемништвото. Преку интерактивни панели и работни сесии, младите имаа можност одблиску да поставуваат прашања за темите што ги засегаат: мобилноста, пристапот до можности, образованието, зелената транзиција, безбедноста, младинското учество и иднината на регионот.

Препораки за регион што сака да оди напред

На завршниот ден, учесниците ги претставија препораките подготвени во три клучни области: зелен и одржлив регион, мир, безбедност и инклузивни општества, како и вештини, можности и иновации.

Препораките не беа пишувани како уште еден документ што ќе заврши во фиока. Тие беа развиени преку методологија која тргнува од визија за 2030 година, а потоа се враќа наназад за да ги утврди чекорите што треба да се преземат за таа визија да стане реалност.

Во областа на мирот и безбедноста, младите побараа регионална рамка за млади, мир и безбедност на Западен Балкан, посилни демократски институции, поголемо учество во носењето одлуки и воведување граѓанско и мировно образование, медиумска писменост и критичко размислување во образовните системи.

Посебно внимание беше ставено и на менталното здравје, борбата против дезинформациите и говорот на омраза, заштитата на независните медиуми и создавањето побезбедни општества за жените, девојките и маргинализираните заедници.

Foto: RYCO

Одливот на млади не се решава со говори

Во делот за вештини, можности и иновации, учесниците побараа поголема финансиска поддршка за млади претприемачи, истражувачи и иноватори. Посебно беше нагласена потребата од програми што ќе ги мотивираат младите образовани надвор од регионот да се вратат дома преку грантови, поддршка за преселување, стартап-поттикнувања и реални професионални можности во локалните заедници.

Тоа е една од најважните пораки од форумот: младите не заминуваат само затоа што сакаат да живеат на друго место, туку затоа што често не гледаат држава и институции кои им веруваат, ги слушаат и им отвора простор да создаваат.

Во зелената агенда, препораките се однесуваат на посилни инвестиции во одржлив развој, подостапно финансирање за зелени иницијативи и поголемо присуство на темите за животна средина и одржливост во формалното образование.

Младите како пример за институциите

Генералниот секретар на РИКО, Владимир Обрадовиќ, оцени дека разговорите меѓу младите покажале колкав потенцијал има регионот за поинаква иднина. Според него, младите често комуницираат подобро од институциите, а токму затоа владите треба да работат рака под рака со нив.

Слична порака испрати и учесникот Иса Зухриќ од Босна и Херцеговина, кој рече дека по форумот има уште поголема надеж во потенцијалот на младите. Според него, младите се подготвени да покажат како се гради соработка и како може да се создава попросперитетен Западен Балкан.

Форумот вклучи панели и интерактивни сесии за младинска мобилност, развој на вештини, регионални можности, мир и безбедност, зелена транзиција и суштинско учество на младите во носењето одлуки.

Една од дискусиите беше посветена на праведната зелена транзиција, со порака дека таа не значи само премин кон обновливи извори на енергија, туку и трансформација на економиите, заедниците и институциите на социјално праведен начин.

Во Будва, младите од регионот не зборуваа само за иднината. Тие ја вежбаа и практикуваа. Во време кога Западен Балкан често се заглавува во стари политички јазици, младите покажаа дека довербата не се гради со декларации, туку со средби, идеи и заедничка работа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс