Скопје доби пет отворени мини-библиотеки поставени на фреквентни зелени локации низ градот, од каде што минувачите можат бесплатно да позајмуваат книги. Донацијата е на издавачката куќа „Сакам книги“, а концептот се темели на доверба: секој граѓанин може слободно да земе наслов, да го прочита и потоа да го врати назад за следниот читател.
Петте куќарки за книги се распоредени на фреквентни рекреативни точки. Граѓаните можат да ги најдат на Средно Водно, во Градскиот парк во близина на „Номад кафе“, во Парк Македонија спроти маркетот „Веро“ во Тафталиџе, покрај фонтаната во паркот во Ѓорче Петров, како и во паркот „Авионче“ во населбата Аеродром.
Овие отворени штандови овозможуваат директен пристап до четиво за време на прошетка или одмор на отворено.
Од издавачката куќа „Сакам книги“ најавија дека заедниците што совесно ќе ги користат и одржуваат мини-библиотеките периодично ќе добиваат освежување на понудата. Тоа значи дека населбите каде што книгите редовно се враќаат на полиците ќе добијат дополнителни изданија, со што книжниот фонд постепено ќе се зголемува.
Поставувањето на библиотеките е дел од иницијативата „Со љубов, од Европа“, која издавачката куќа ја реализира преку европската програма „Креативна Европа“. Иницијативата има цел да ја доближи современата европска книжевност до домашната публика преку превод на дела напишани на помалку застапени европски јазици и промовирање автори кои првпат се објавуваат на македонски јазик.