Успех на македонската танцова сцена

Мила Србиновска освои сребро на Европското првенство во Австрија

Членката на Break A Leg стана европска вицешампионка во All Style Battles на ИДО шампионатот во Клагенфурт.

Македонската танчерка Мила Србиновска, членка на танцовиот клуб Break A Leg од Скопје, освои сребрен медал на ИДО Европското првенство во All Style Battles, кое од 1 до 7 јуни се одржува во Клагенфурт, Австрија.

Во силна конкуренција составена од најдобрите европски танчери во батл дисциплините, Србиновска успеа да стигне до големото финале и да ја освои титулата европска вицешампионка. Ова е уште едно значајно меѓународно признание за македонската танчерка, која веќе има изградено реноме на европската и светската хип-хоп сцена. Во 2024 година таа ја освои и светската шампионска титула во хип-хоп, а новиот успех во Австрија дополнително ја потврдува нејзината конзистентност и квалитет.

Сребрениот медал претставува голем успех и за танцовиот клуб Break A Leg, како и за македонската репрезентација, кои со години бележат забележителни резултати на најголемите европски и светски натпреварувања.

„Мила повторно покажа дека е една од најдобрите танчерки во Европа. Сребрениот медал на Европското првенство е огромен успех за неа, за нашиот клуб и за Македонија. Особено радува фактот што таа континуирано се наоѓа меѓу најдобрите на светот и Европа“, изјави Трајче Петковски од Break A Leg.

ИДО Европското првенство во хип-хоп, попинг, брејкинг и All Style Battles важи за едно од најпрестижните натпреварувања во уличните танцови дисциплини и ги собира најдобрите танчери од цела Европа. Македонската репрезентација продолжува со настапите и во наредните денови од шампионатот, каде ќе се бори за нови финалиња и медали.

е-Трн да боцка во твојот инбокс