Илјадници години стара техника за прочистување би можела да биде решение за европската вода за пиење, загадена со микропластика.
Во неодамнешна студија, семките од дрвото моринга покажале дека се еднакво добри или подобри од нивниот хемиски еквивалент во филтрирањето на застарени PVC микропластики, еден од најштетните видови пластика за човековото здравје. Овие наоди би можеле да го отворат патот за позелена алтернатива за пречистителните постројки.
Ситните пластични честички ослободени од автомобилски гуми, бои, текстил и распадната пластична амбалажа со децении се акумулираат во глобалните водни системи, создавајќи тивок, но растечки здравствен ризик.
Во 2024 година, ЕУ ги засили протоколите за следење на микропластиката во водата за пиење. Но минатата година, истражувачи предупредија дека најситните честички, кои полесно минуваат низ цревата во крвта и органите, можеби се провлекуваат низ системите за филтрација.
Употребата на моринга за прочистување е исто толку стара колку што е и иновативна: се смета дека старите Египќани ја користеле за отстранување бактерии и намалување на заматеноста на водата.
Со своето брзо растење, отпорност на суша и ниски потреби за вода, ова повеќегодишно растение не само што бара минимални ресурси – туку делува и како складиште на јаглерод, успева во суви и деградирани почви и поддржува биодиверзитет.
Широката употреба на морингата, од третман на неухранетост и болести до прочистување вода и производи против стареење, ѝ го донесе прекарот „чудо од дрво“.
Освен директните здравствени последици од микропластиката, која може да се поврзаѕ со рак, срцеви удари и репродуктивни проблеми, овие честички кои се помали од пет милиметри, можат да апсорбираат и пренесуваат други опасни загадувачи низ екосистемите и синџирот на исхрана.
Во моментов, европските земји користат и физички и хемиски методи за отстранување микропластика од отпадните води.
Алумот како стандардно, но не и безризично решение
Алуминиум сулфатот, познат како алум, е неорганска сол која често се користи како коагулант во третманот на вода, одвојувајќи ја микропластиката и другите загадувачи за да се отстранат.
Иако е ефикасен, неправилната употреба може да доведе до зголемено ниво на алуминиум во водата, што се поврзува со потенцијални невролошки нарушувања, вклучително и Алцхајмерова болест.
Алумот исто така создава големи количини талог во процесот на коагулација, кој е тешко да се управува и отстранува – најчесто завршува на депонии, каде може да испушта токсини во почвата и водните текови.
Неговото производство е исто така штетно, бидејќи бара ископување боксит во тропски региони како Австралија, Бразил, Гвинеја, Гвајана и Јамајка, што може да доведе до уништување на шумите и губење на живеалишта. Преработката бара значителна топлинска енергија и создава емисии што придонесуваат за климатските промени.
Неодамнешната студија, предводена од Габриеле Батиста од Државниот универзитет во Сао Паоло (UNESP) во Бразил и објавена во научното списание ACS Omega, ја покажува можноста морингата да биде растителна, нетоксична алтернатива.
Истражувањето го споредува алумот со солен екстракт од моринга. И двата коагуланти делуваат така што ја неутрализираат негативната електрична поларизација која ги оттурнува микропластичните честички и им дозволува да избегнат филтрација. Откако ќе се неутрализираат, честичките се групираат во поголеми агрегати (наречени флокули) кои може да се задржат со песочен филтер.
И алумот и морингата успешно отстраниле повеќе од 98 проценти од PVC честичките во водата, при што морингата се покажала поконзистентна во поширок опсег на pH вредности.
Честичките биле со големина од околу 15 микрометри, доволно мали за да поминат низ стандардни филтри.
Морингата се покажала подеднакво ефикасна и за директна филтрација, што значи дека би можела да го елиминира скапиот и енергетски интензивен процес на коагулација.
Еден недостаток, според истражувачите, е можноста за ослободување на растворен органски јаглерод за време на процесот, што може да ги комплицира следните фази на третман. Исто така, потребни се дополнителни тестирања за ефикасноста на морингата во голем обем.