Мерц: Потресени сме до срж

„Ова е тектонски удар врз нашиот партиски систем“, рече Фридрих Мерц на затворена седница на претседателството на ЦДУ

Германскиот канцелар и претседател на Христијанско-демократската унија (CDU), Фридрих Мерц, изјави дека неговата партија е „потресена до срж“ од победата на Алтернатива за Германија (AfD) во сојузната покраина Саксонија-Анхалт, отфрлајќи ја можноста за каква било соработка со партијата.

„Во Германија имаме силен устав и силни инструменти со кои можеме да ја одбраниме од десничарска радикална влада, но и покрај тоа, ова е тектонски удар врз нашиот партиски систем“, рече Фридрих Мерц на затворена седница на претседателството на ЦДУ.

„Не сме воспоставиле емотивна врска со гласачите“

Тој заклучи дека ЦДУ, која во Саксонија-Анхалт го преполовила својот резултат во споредба со изборите пред пет години, била особено потресена од убедливата победа на АфД, која освои 44 проценти од гласовите. „Овој исход ја потресе ЦДУ до срж и не можеме едноставно да продолжиме како ништо да не се случило. Ова важи и за федералната влада“, призна Мерц, според медиумите.

Мерц заклучи дека ЦДУ во источногерманската федерална покраина „не воспоставила емотивна врска со гласачите“. „Не можеме да го игнорираме тој факт“, рече Мерц.

Тој рече дека е болен факт што АфД успеала да мобилизира толку многу гласачи кои претходно не излегле на гласачките места. Во исто време, тој отфрли секаков облик на соработка со АфД. „Тоа е партија која сака да ја уништи ЦДУ и затоа секаков облик на соработка со неа е невозможен“, рече Мерц.

е-Трн да боцка во твојот инбокс