Мерц ги брани зголемените трошоци за одбрана и предупредува на растот на АфД

Германскиот канцелар вели дека Бундесверот не е доволно опремен, а евентуална победа на АфД во Саксонија-Анхалт би можела да има сериозни економски последици

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги брани значително зголемените трошоци за одбрана и предупредува дека планираните воени издатоци и набавки не треба да се намалуваат во следните години за да се олесни финансискиот товар врз граѓаните. Во летното интервју за германската јавна телевизија АРД, Мерц рече дека слободата и мирот мора да бидат приоритет, бидејќи само во такви услови Германија може да обезбеди и економски развој.

„Што ни користи и најдобриот родителски додаток ако ја загубиме нашата слобода и ако мирот во Европа е загрозен?“, рече канцеларот.

„Бундесверот не е таму каде што треба да биде“

Мерц оцени дека Германија мора да ги надомести недостатоците во опремувањето на армијата од изминатите 15 години.

„Бундесверот не е таму каде што би требало да биде. Мораме да можеме да се браниме во Германија“, рече тој.

Истовремено, канцеларот се заложи модернизацијата на германската армија да се спроведува поефикасно и поекономично, при што ја посочи Украина како пример дека одбранбената индустрија може да произведува поевтино. Мерц во интервјуто се осврна и на инцидентот на аеродромот во Лајпциг од 4 август, кога беспилотно летало со експлозив од непознато потекло падна во близина на украински транспортни авиони. Тој најави дека германската влада ќе реагира во наредните денови, во координација со Европската Унија и партнерите во НАТО.

Предупредување за АфД

Германскиот канцелар предупреди и на можните последици од евентуалната изборна победа на деснопопулистичката и крајнодесничарска АфД на покраинските избори во Саксонија-Анхалт, закажани за 6 септември. Според актуелните анкети, АфД има големи шанси да стане најсилна политичка сила во покраината, а партијата се надева и на апсолутно мнозинство.

„Покраината ќе претрпи значителна штета ако се случи она од што сега се плашиме“, рече Мерц, додавајќи дека не може да замисли меѓународни инвеститори да отвораат нови фабрики и компании во Саксонија-Анхалт под покраинска влада предводена од АфД.

Сепак, тој нагласи дека конечната одлука е во рацете на гласачите.

Мерц скептичен за забрана на АфД

Мерц изрази скепса и кон иницирање постапка за забрана на АфД како политичка партија, иако не ја исклучи целосно можноста. Тој рече дека во Германија условите за забрана на политичка партија се „многу, многу строги“, но додаде дека не сака да ја затвори можноста за барања за забрана на, како што рече, „етнонационалистичкиот дел“ од АфД.

Кој ќе биде следниот претседател на Германија?

Мерц во интервјуто повторно не сакаше да открие дали би поддржал жена за следен претседател на Германија. Мандатот на актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер завршува во март 2027 година, а Сојузното собрание треба да избере негов наследник на 30 јануари 2027 година.

„Не е тајна дека имам многу симпатии кон таа идеја“, рече Мерц за можноста жена да ја преземе функцијата.

Сепак, тој нагласи дека поважно од полот е Германија да добие претседател кој ќе го обединува општеството и ќе има силна интегративна улога. Меѓу имињата што во германските медиуми се споменуваат како можни кандидатки се баварската политичарка Илзе Ајгнер, како и политичарките од ЦДУ Карин Прин и Јулија Клекнер и поранешната министерка и актуелна претседателка на фондацијата „Конрад Аденауер“, Анегрет Крамп-Каренбауер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс