Мерц: Планот на АфД за ремиграција е етничко чистење

Германскиот канцелар по изборниот пораз во Саксонија-Анхалт ја обвини крајната десница за директно поткопување на државата во полза на Москва.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска во Бундестагот остро ја нападна екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), оценувајќи дека нивниот концепт за ремиграција е етничко чистење. Во жестоко обраќање пред пратениците, Мерц наведе дека партијата отворено ги застапува руските интереси на штета на Берлин, пренесува Ројтерс. Настапот доаѓа по минатонеделните покраински избори во Саксонија-Анхалт, каде АфД извојува победа над демохристијаните врз основа на тврди антиимиграциски пораки.

Мерц директно ја отфрли радикалната реторика на крајната десница, посочувајќи ја реалната улога на луѓето со странско потекло во германското општество.

„И луѓето со мигрантско потекло работат во стручните професии“, порача канцеларот од говорницата.

Тој подвлече дека таквата политика директно би удрила врз темелите на државата: „Ако се оствари она за што се залагаат овде, таканаречената ремиграција, тоа во пракса е етничко чистење врз основа на потеклото и бојата на кожата“.

Партијата АфД претходно ги отфрли сите вакви критики, тврдејќи дека етикетите за десен екстремизам претставуваат обид за ширење страв и навреда за нивните гласачи. Нивниот триумф во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт претставува нов сериозен политички притисок врз владејачката коалиција во Берлин, отворајќи прашања за натамошната стабилност и насока на германската внатрешна и надворешна политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс