Италијанската премиерка Џорџа Мелони јавно му се спротивстави на американскиот претседател Доналд Трамп, откако тој изјави дека таа „го молела“ да се фотографира со него. Мелони остро ги отфрли тврдењата, оценувајќи ги како целосно измислени и недостојни за односите меѓу сојузниците.
Односите меѓу двајцата десничарски лидери повторно се најдоа во центарот на вниманието откако Трамп во интервју за италијанска телевизија изјавил дека Мелони „го молела за фотографија“ за време на самитот на Г7, додавајќи дека на крајот се согласил „од сожалување“. Изјавата предизвика бурни реакции во Италија и отвори ново поглавје во веќе заладените односи меѓу Вашингтон и Рим.
Мелони не остана должна. Таа соопшти дека е „вчудоневидена“ од зборовите на Трамп и нагласи дека неговите тврдења се „целосно измислени“. Италијанската премиерка порача дека нејзината земја заслужува почит од своите партнери и дека нејзината политика не се темели на лични услуги или политичко додворување.
Од блиски сојузници до јавни несогласувања
Ова не е првпат Мелони да покаже дистанца кон американскиот претседател. Во последните месеци таа неколкупати јавно изрази несогласување со одредени потези на Трамп, особено околу американските царини, конфликтот со Иран и односот кон европските сојузници. Во италијанскиот парламент таа изјави дека „сојузниците мора јасно да кажат кога не се согласуваат“, што многумина го протолкуваа како порака директно упатена кон Белата куќа.
Во април годинава Мелони го критикуваше и нападот на Трамп кон папата, оценувајќи ги неговите изјави како „неприфатливи“ и потенцирајќи дека верските лидери имаат право да повикуваат на мир. Тоа беше првата нејзина директна критика кон американскиот претседател по неговото враќање на власт.
Политички последици во Италија
Изјавата на Трамп доаѓа во чувствителен момент за италијанската влада. Аналитичарите сметаат дека секое дополнително заострување на односите со Вашингтон може да има политички последици за Мелони, која долго време беше сметана за еден од најблиските европски партнери на американскиот претседател. Во последниот период, сепак, таа се обидува да балансира меѓу зачувувањето на трансатлантските односи и одбраната на италијанските и европските интереси.
Според медиумски извештаи, незадоволството во италијанската влада било толку големо што министерот за надворешни работи Антонио Тајани ја откажал планираната посета на САД следната недела.
Иако Мелони и Трамп со години важат за политички сојузници на европската и американската десница, последните случувања покажуваат дека нивниот однос минува низ сериозен тест, а реториката од двете страни станува сè поостра.