Мелони најавува ограничување на странските ученици и забрана за бурки во училиштата

Италијанската влада подготвува законски мерки со кои би се ограничил бројот на странски ученици во паралелките, а на родителите на ученици со сериозни проблеми со интеграцијата би им било наложено да учат италијански

Италија подготвува нови правила за училиштата со кои би се ограничил бројот на странски ученици во една паралелка и би се забранило покривањето на целото лице, вклучително со бурка и никаб. Најавата ја даде италијанската премиерка Џорџа Мелони на годишниот собир на младинското крило на нејзината партија „Браќа на Италија“. Таа најави дека мерките наскоро ќе бидат претставени на седница на италијанската влада.

Според Мелони, со новата регулатива законски ќе се утврди максимален број странски ученици по паралелка. Таа не прецизираше колкав ќе биде лимитот. Дополнително, родителите на странски ученици кои имаат сериозни тешкотии со интеграцијата во образовниот систем би требало да учат италијански јазик. Предлогот предвидува и забрана за носење бурки и никаби во училиштата.

„Тоа повеќе не е интеграција“

Мелони ја оправда најавената мерка со потребата учениците што не го зборуваат италијанскиот јазик полесно да се интегрираат во образовниот систем. „Ако во паралелката има само едно дете кое не разбира италијански, најверојатно ќе успее да го научи јазикот и брзо да се интегрира со помош на соучениците и наставниците“, изјави таа.

Но, според неа, ситуацијата е поинаква кога бројот на ученици кои не го разбираат јазикот е голем или тие претставуваат мнозинство.

„Тоа повеќе не е интеграција, туку занемарување“, порача Мелони.

Според податоците цитирани од „Ројтерс“, учениците кои немаат италијанско државјанство сочинуваат 11,6 отсто од вкупниот број ученици во италијанските училишта.

„Во училиштето мора да се влегува со откриено лице“

Мелони посебно се осврна и на забраната за покривање на лицето.

„Во училишната зграда мора да се влегува со откриено лице и никој во Италија, во име на вистинска или наводна традиција, не може да одлучи дека една млада жена мора да се крие“, рече италијанската премиерка.

Најавените мерки доаѓаат во период кога прашањата поврзани со миграцијата, интеграцијата и верските симболи повторно се во центарот на италијанската политичка дебата. Уште на 11 септември италијанскиот министер за образование Џузепе Валдитара најави законско регулирање на максималниот број ученици со неиталијанско државјанство во паралелките. Тој тогаш се повика на постојното, но досега неспроведено правило за лимит од 30 отсто странски ученици по паралелка.

Засега не е објавено кога точно мерките најавени од Мелони ќе бидат претставени пред владата, ниту конечната бројка за максималниот број странски ученици по паралелка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс