Од меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“ во Техеран полетаа првите меѓународни летови од почетокот на војната што пред околу два месеца ја започнаа САД и Израел, јавија иранските државни медиуми.
Според државната агенција ИРНА и државната телевизија ИРИБ, авионите полетале на линии кон Истанбул, Маскат и саудискиот град Медина.
Медина е важна дестинација за муслиманите што патуваат за хаџ, годишниот исламски аџилак во Мека.
Иран го затвори својот воздушен простор за цивилен сообраќај откако САД и Израел на 28 февруари започнаа напади врз земјата.
Техеран на нападите одговори со удари врз заливски држави сојузнички на САД, што предизвика сериозни нарушувања во глобалниот авиосообраќај. Меѓу погодените клучни центри беа Дубаи и Абу Даби, додека западните авиокомпании користеа подолги заобиколни рути за да го избегнат регионот.
Постепеното отворање на иранскиот воздушен простор следува по примирјето што стапи во сила на 8 април, со посредство на Пакистан.
Во понеделникот, иранската воздухопловна управа ѝ дозволи и на аеродромот во Машхад, на североистокот од земјата, да прифаќа меѓународни летови. Целта е да се намали притисокот врз аеродромот во Техеран.
И покрај повторното отворање, европските авиокомпании и натаму го избегнуваат иранскиот воздушен простор поради неизвесната безбедносна состојба на Блискиот Исток и зголемената закана за цивилното воздухопловство.