Денес светот го одбележува Меѓународниот ден на жените во инженерството, ден кој не е само повод за прослава на нивното знаење, туку и потсетник на бариерите што сè уште стојат пред нив. Во светот жените сочинуваат само 35 проценти од дипломираните во областите на науката, технологијата, инженерството и математиката, а во Европската Унија тие се 40,5 проценти од научниците и инженерите. Во Македонија, пак, жените се мнозинство во високото образование: 59,3 проценти од запишаните студенти во академската 2024/2025 година и 59,6 проценти од дипломираните во 2025 година.
Токму во тој јаз меѓу образованието и професионалната видливост се наоѓа вистинскиот проблем: ако знаењето очигледно го има, зошто жените сè уште мора да се пробиваат низ предрасуди за да стигнат до лабораториите, градилиштата, технолошките компании и местата каде што се носат одлуки.
Жените се образуваат, но прашањето е каде исчезнуваат потоа
Според наведените податови, во Македонија, како и во многу други земји, жените не недостигаат во образованието. Напротив, бројките покажуваат дека тие се силно присутни на факултетите и меѓу дипломираните студенти. Но, токму затоа уште повидлив станува проблемот што се појавува подоцна: преминот од факултет кон прва работа, од прва работа кон професионално напредување, од техничка позиција кон лидерска улога.
Тука започнува вистинскиот тест на еднаквоста.

Девојките можат да бидат одлични по математика, физика, информатика, архитектура, електротехника, машинство или градежништво, но тоа не значи дека системот автоматски ќе им отвори еднаков пат. Во пракса, многу од нив сè уште се соочуваат со предрасуди дека техничките професии се „машки“, дека жените се помалку подготвени за теренска работа, дека потешко ќе се снајдат во индустрија или дека нивната кариера ќе биде прекината од семејни обврски.
Таквите претпоставки не се само неправедни. Тие се и економски штетни. Секоја девојка која се откажува од инженерство поради притисок, секоја млада инженерка која не добива менторство, секоја жена која не напредува иако има знаење, е изгубен потенцијал за целото општество.
Зад бројките стојат девојки што ги рушат предрасудите
Зад бројките стојат лични приказни, но и конкретни примери од образованието кои покажуваат дека интересот на девојките за инженерството постои. Проблемот кој што останува отворен е дали тие добиваат доволно поддршка, самодоверба и видливост за тој интерес да прерасне во професионален пат.
М-р Марија Паликрушев, асистентка на Факултетот за електротехника и информациски технологии, вели дека иако денес сѐ повеќе девојки избираат инженерски професии, сѐ уште постојат стереотипи дека инженерството е „машка професија“ или дека техничките науки се потешки за жените.
„Во пракса, најголемиот предизвик не е способноста да се совладаат новите технологии, туку самодовербата и поддршката која треба да се стекне во раните години на образованието. Затоа е важно да им покажеме на младите девојки реални примери на успешни жени инженерки, да ги вклучуваме во STEM активности уште од најрана возраст и да создадеме безбедна средина во која ќе веруваат во својот потенцијал. Особено ме радува фактот што во последната генерација дипломирани инженери на Факултетот за електротехника и информациски технологии, 55 проценти се жени. Ова е јасен показател дека успехот во инженерството зависи од упорноста, знаењето и љубопитноста, а не од полот“, вели Паликрушев.
Токму тоа го покажуваат и личните искуства на младите жени кои веќе го избрале овој пат. Весна Јовиќ, која веќе се гради како инженерка, е еден од примерите дека со храброст, истрајност и поддршка може да се пробие низ бариерите.
„Уште од мала ме привлекуваше логиката зад науката и технологијата. Токму таа љубопитност и привлечност ме водеа да се насочам кон оваа професија и секојдневно ме мотивираат да учам нешто ново. Како девојка во STEM понекогаш се соочував со родови предрасуди, но токму тие ме охрабрија да бидам поистрајна и да докажам дека знаењето и способноста немаат пол.
На сите девојки кои размислуваат да градат кариера во STEM би им порачала да бидат доволно храбри за да се издвојат од толпата и да не дозволат туѓите сомнежи да им ги определат границите. Вложувајте во себе и не плашете се да бидете единствени затоа што токму тоа ја движи науката напред“, вели Јовиќ
Нивната порака е едноставна, но суштинска: жените не треба да чекаат дозвола за да бидат дел од инженерството. Но, исто толку важно е и системот да не очекува тие сами да ги рушат сите ѕидови и препреки.
Не е доволно да ги охрабриме девојките, треба да им отвориме пат
Кога се зборува за жени во науката, технологијата, инженерството и математиката, јавниот дискурс често завршува со порака дека девојките треба да бидат похрабри. Но, храброста не смее да биде замена за политики, менторство и реална поддршка.
Потребни се програми што ќе ги поврзат студентките со професионалки од областа, практикантства што навистина водат кон вработување, стипендии, видливи женски примери, родово чувствителни училишни програми и работни средини во кои жените нема да се третираат како исклучок.
Иницијативи како EU4 Gender Equality – Women’s Economic Empowerment and Ending Violence Against Women, финансирани од Европската Унија и имплементирани од УНДП и UN Women, се обидуваат системски да ги поддржат жените во науката, технологијата, инженерството и математиката. Преку менторство, обука, поврзување со работодавци и развој на вештини, се создаваат услови жените не само да влезат во овие области, туку и да напредуваат.
Но, ваквите иницијативи треба да станат правило, не исклучок. Особено во земја како Македонија, каде што младите често се соочуваат со ограничени можности, иселување, несигурен пазар на труд и недоволна врска меѓу образованието и индустријата.

Инженерството не е машка приказна, туку јавен интерес
Кога жените се помалку застапени во инженерството, тоа не е само проблем на една професија. Тоа влијае врз тоа какви производи се дизајнираат, какви градови се планираат, какви технологии се развиваат и чии потреби се земаат предвид.
Инженерството не е одвоено од општеството. Тоа ја обликува секојдневната реалност: од јавниот превоз и енергетската ефикасност, до дигиталните услуги, безбедноста на работното место, медицинските уреди и климатските решенија. Ако половина од населението не е доволно застапено во тие процеси, тогаш и решенијата што ги добиваме се посиромашни.
Затоа Меѓународниот ден на жените во инженерството е повеќе од датум во календарот. Тој е потсетник дека знаењето нема пол, но пристапот до можности често има. И дека вистинската модернизација не се мери само со нови технологии, туку и со тоа кој има шанса да ги создава.
Денот на жените инженерки не е само празник. Тој е повик до училиштата, факултетите, компаниите, институциите и семејствата: девојките не треба да бидат убедувани дека инженерството не е за нив. Треба да им се покаже дека таму има место, поддршка и иднина.