Македонското еколошко друштво започнува нов меѓународен LIFE проект за обнова и зголемување на популацијата на белоглавиот мршојадец во Македонија и Грција, со што треба да се зајакне целокупната популација на овој вид на Балканскиот Полуостров.
Проектот LIFE24-NAT-NL-LIFE Balkan GriffON/101215506 ќе се спроведува во следните шест години, во рамки на програмата LIFE и со кофинансирање од Европската Унија, објавија од Македонското еколошко друштво.
Покрај МЕД, во проектот се вклучени Грчкото орнитолошко друштво, Универзитетот на Крит – Музеј за природна историја, Агенцијата за природна средина и климатски промени од Грција и Фондот за дива флора и фауна од Бугарија. Проектот се реализира под водство и координација на швајцарската Фондација за заштита на мршојадци.
Тиквешко-Демиркапискиот Регион во фокусот на активностите
Белоглавиот мршојадец до средината на 20 век бил вообичаена глетка низ Балканот, но во последните децении од минатиот век неговата популација драстично се намалила.
Како главни причини се наведуваат ловењето, труењето, недостигот на храна, како и струјните удари и судирите со надземната електрична инфраструктура.
Според податоците добиени преку следење со ГПС-технологија, мршојадците на Балканот најчесто се задржуваат во седум клучни зони за размножување и одмор при миграциите.
Една од тие зони е Тиквешко-Демиркапискиот Регион, кој е едно од ретките преостанати јадра за гнездење на мршојадците во Македонија. Денес овој предел е дом на два пара од глобално загрозениот египетски мршојадец и на околу 20 пара од белоглавиот мршојадец, стои во објавата на МЕД.
Во Македонија ќе бидат донесени 50 белоглави мршојадци од Шпанија
Зајакнувањето на постојните популации ќе се спроведува преку воведување на 50 нови единки од белоглавиот мршојадец, кои ќе бидат донесени од Шпанија.
Птиците ќе бидат префрлени во кафези за аклиматизација и потоа пуштени според соодветен протокол, во соработка со локални партнери.
Пред пуштањето, на птиците ќе им бидат поставени ГПС-предаватели, со цел нивно следење, истражување и превенција од ризици.
Помалку труење, повеќе храна и подобра заштита
Проектот предвидува сеопфатен пристап за подобрување на условите за живот на белоглавиот мршојадец.
Активностите ќе вклучуваат поефективно спроведување на законите за намалување на смртноста од труење, како и воведување системи за рано предупредување базирани на ГПС-мониторинг.
Ќе се зајакнуваат и националните капацитети за рехабилитација на диви животни, а достапноста на храна ќе се зголемува преку поставување дополнителни станици за исхрана.
Од МЕД посочуваат дека на овој начин ќе се зацврсти поврзаноста на птиците со клучните зони на Балканскиот Полуостров, со што значително ќе се зголемат шансите за нивно преживување и опстанок.
Локалните заедници имаат важна улога
Во зачувувањето на мршојадците важна улога имаат и локалните заедници, со кои овие птици се силно поврзани.
Затоа, преку проектот ќе се поддржува и традиционалното сточарство, кое претставува важен извор на храна за мршојадците.
Истовремено, ќе се работи на подигање на свеста за улогата и значењето на мршојадците во екосистемот и во локалната економија.
„На овој начин, целосното закрепнување на популацијата на белоглавиот мршојадец на Балканот повеќе нема да биде прашање на надеж, туку споделена обврска“, стои во објавата на Македонското еколошко друштво.